Украина и Русија соопштија дека постигнале договор за прекин на огнот во украинскиот град Олешки, кој е под руска окупација. Договорот е постигнат со посредство на првата дама на САД, Меланија Трамп, а украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека преговарачите за мир ќе се сретнат следниот месец за нови разговори.
Двете страни наведоа дека прекинот на огнот ќе стапи на сила на 27 октомври, овозможувајќи достава на помош и евакуација на жителите преку хуманитарни коридори.
Во услови на американски напори за организирање нови разговори насочени кон ставање крај на војната што трае веќе четири и пол години, Зеленски изјави дека преговарачи од Украина, Русија и САД се договориле за одржување состаноци на техничко ниво во првата половина на ноември во Абу Даби. Еден американски функционер подоцна изјави дека трите земји би можеле да ги одржат следните разговори за неколку недели, во Абу Даби или во Швајцарија.
Зеленски изрази надеж дека по ова ќе следи и средба меѓу лидерите на земјите.
Претходните рунди преговори, предводени од САД, запреа во февруари без значителен напредок кон ставање крај на најкрвавиот конфликт во Европа по Втората светска војна. Русија продолжува да бара Украина да го отстапи целиот источен регион Донбас, вклучително и територии што Русија воено не ги окупирала, додека Киев ја отфрла секоја помисла за откажување од земјиштето што моментално го контролира.
Најновите мировни напори доаѓаат по несогласувањата меѓу Вашингтон и Киев во последните недели, како и по низа потези на американскиот претседател Доналд Трамп кои се толкуваат како наклонети кон Русија.
Еден од главните извори на тензии беа ограничувањата наметнати на комуникацискиот систем „Старлинк“ на компанијата „Спејс-Икс“ кој Украина го користи за одбрана од напади. Трамп во петокот изјави дека, доколку Украина сè уште има проблеми со системот, тој ќе го реши тоа, а доколку е потребно, ќе разговара и со извршниот директор на „Спејс-Икс“, Илон Маск.
Друга спорна точка беше најавата на Трамп за договор со кој на Русија ѝ се овозможува да испорачува дизел за американскиот и за глобалниот пазар. Овој договор, кој наиде на остра осуда од Украина, има за цел да ги одржи цените ниски во време кога Републиканската партија на претседателот учествува на американските избори на средината на мандатот.
Во петокот, рускиот вицепремиер Александар Новак изјави дека првите три танкери со руски дизел се веќе на пат кон Северна Америка. Во градот Олешки, кој е под окупација на руските сили од февруари 2022 година, жителите пријавија дека се соочуваат со сè посериозна криза со храна.
„Двете страни се согласија привремено да ги запрат сите воени дејствија во Олешки, за да се овозможи влез на хуманитарна помош и да се подготви евакуација на цивилите преку одреден безбеден коридор“, се наведува во соопштението на Белата куќа.
Началникот на Генералштабот на руските сили, Валериј Герасимов, преку каналот на Министерството за одбрана на „Телеграм“ изјави дека руските трупи ќе го прекинат огнот од 4 часот по локално време на 27 октомври, со цел да се овозможи почеток на хуманитарната операција.
Генералштабот на Украина издаде соопштение во кое потврдува дека ќе го почитува прекинот на огнот од истото време и ветува дека ќе направи сè што е можно за да им помогне на жителите на Олешки. Од Украина велат дека веќе двапати користеле беспилотни летала за доставување храна во градот.
Украинскиот омбудсман за човекови права, Дмитро Лубинец, исто така потврди дека прекинот на огнот ќе стапи на сила на 27 октомври. Тој за агенцијата „Ројтерс“ изјави дека операцијата ќе опфати разминирање на патиштата кон градот, достава на храна и евакуација на цивили.
