Русија и Иран се обиделе да се вмешаат во претседателските избори во САД, според американското разузнавање

Директорот на Националното разузнавање на САД, Џон Ретклиф изјави дека Русија и Иран се обиделе да се вмешаат во претседателските избори во САД. Ова обвинување тој го кажа на прес-конференција на која присуствуваше и директорот на ФБИ, Крис Реј.

Само две седмици пред одржувањето на изборите за нов претседател, оваа објава е сигнал за вознемиреноста на врвните функционер на САД дека странски фактори се обидуваат да ја подријат довербата на Американците во интегритетот на гласањето и да сејат дезинформации во обид да се влијае на исходот од изборите.

– Имам потврдени информации дека некои податоци за регистрирани гласачи се во рацете на Иран, како и во рацете на Русија – рече Ретклиф на прес-конференцијата.

Тој рече и дека веќе државни функционери „утврдиле дека Иран испраќал измамнички мејлови со намера да ги застраши гласачите, да поттикнат социјални немири и да му наштетата на претседателот Трамп“.

Разузнавачките агенции на САД и претходно предупредувале дека Иран може да се вмеша за да му наштети на Трамп и дека Русија сака да му помогне на следните избори.

Но, Чак Шумер, водачот на Демократите во Сенатот, вели дека добил строго доверлив брифинг-материјал за безбедноста на изборите и не се согласува со Ретклиф дека Иран посебно се обидува да му наштети на Трамп.

– Гледам дека намерата на Иран во овој случај и на Русија во многу други случаи е во основа да се намали довербата во нашите избори. Не верувам дека оваа акција е насочена кон… дискредитација на претседателот Трамп – рече Шумер во разговор за МСНБЦ во средата попладне (по американско време).

Портпаролот на мисијата на Иран во ОН негираше дека Иран се обидува да се вмеша во изборите во САД.