fbpx

Русија го презема претседавањето со Советот за безбедност на ОН, за Украина ова е „најлошата првоаприлска шега“

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба го нарече руското претседателство „најлошата шега досега за Денот на шегата“, додавајќи дека ова е остар потсетник оти нешто не е во ред со начинот на кој функционира меѓународната безбедносна архитектура

-

Русија го презеде претседавањето со Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) и покрај тоа што Украина ги повика членките да го блокираат потегот.

Секоја од петнаесетте земји-членки на Советот за безбедност го презема претседателството на еден месец, по ротирачки модел. Последен пат кога Русија претседаваше, во февруари 2022 година, земјата започна целосна инвазија на Украина.

Тоа значи дека Советот за безбедност сега го води земја чиј претседател е предмет на меѓународна потерница за наводни воени злосторства, потсетува Би-би-си. Меѓународниот кривичен суд, кој не е институција на ОН, минатиот месец издаде налог за апсење на Владимир Путин.

И покрај поплаките на Украина, САД рекоа дека не можат да ја блокираат Русија, која е постојана членка на Советот, да го преземе претседателството.

Улогата претседавач е главно процедурална, но московскиот амбасадор во ОН, Василиј Небензија, за руската новинска агенција „Тасс“ изјави дека планира да надгледува неколку дебати, вклучително и онаа за контрола на оружјето. Тој рече дека ќе разговара за „нов светски поредок“ кој доаѓал да го „замени униполарниот“, пренесува Би-би-си.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба го нарече руското претседателство „најлошата шега досега за Денот на шегата“, додавајќи дека ова е остар потсетник оти нешто не е во ред со начинот на кој функционира меѓународната безбедносна архитектура.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата година повика Советот за безбедност на ОН да се реформира или целосно да се распушти, обвинувајќи дека земјите-членки не преземаат доволно мерки за да се спречи руската инвазија, а побара и Русија повеќе да не биде членка на Советот.

Во меѓувреме, борбите во Украина продолжуваат. Според извештаи на регионалните гувернери, руските сили во изминатите 24 часа нападнале осум региони низ Украина, убивајќи најмалку пет лица, а ранети се десетмина, јави „Гардијан“.

Меѓу убиените се и петмесечно бебе и неговата баба во градот Авдивка, изјави гувернерот на Доњецката област Павло Кириленко, додавајќи дека родителите на новороденчето се ранети.

Во јужната област Херсон, пак, според регионалната воена управа, загинале три лица, а двајца се ранети.

Укринформ пренесува дека како резултат на руското гранатирање на Запорижја, во текот на вчерашниот ден биле оштетени повеќе од 80 куќи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Без ниту еден доказ се обвинува НАТО, ИСИС и Ал Каеда за петкратното убиство на Смилковско Езеро

Во објавата што ја рецензираме произволно се тврди дека ЦИА ја креирале Ал Каеда и ИСИС и дека НАТО стои зад масакрот на Смилковско Езеро. За ова не се...