fbpx

Русија го нападна Кијив со дронови, украинската одбрана ги сруши сите

-

Нов руски напад со дронови врз украинскиот главен град Кијив. Погодени се пет објекти, од кои една административна зграда и четири станбени зданија, но нема загинати лица во нападите со дронови од иранско производство, јавува Гардијан.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека сите 13 лансирани дронови од страна на Русија биле соборени од украинската противвоздушна одбрана. Руските напади денеска се случиле во два брана, а на еден од дроновите била напишана порака на руски јазик „За Рјазан“. Се смета дека денешниот напад врз Кијив е одмазда на Русија за нападот врз руската воена база во близина на градот Рјазан, каде што на 5 декември беше оштетен еден руски бомбардер Тупољев-95, пишува Гардијан.

Изминатово деноноќие имало и ракетни напади врз регионот Суми на североистокот на Украина. Укринформ јавува за 28 проектили истрелани од руската војска, кои погодиле објекти во населени места, но без притоа да предизвикаат жртви. Само во текот на декември, регионите Суми и Чернихив во североисточна Украина биле под ракетен напад во 70 наврати.

Во регионот Миколаив на југот на Украина, под руски ракетен напад бил Очакив на Црното море. Во Днипропетровскиот регион, со над 50 проектили биле нападнати градовите Никопол и Марханец, при што биле погодени гасовод, механичарски сервис и куќи, пренесува Укринформ.

Русија есенва започна да користи ирански дронови и со ракетни напади систематски да ја уништува енергетската инфраструктура во Украина, која не претставува воена цел и предизвикува милиони жители на земјата да останат без основните животни потреби – струја, вода за пиење и парно греење. Руските власти во неколку наврати посочија дека ракетните напади се одмазда за претходно извршени украински напади, но меѓународната заедница и украинските власти потенцираа дека станува збор за однапред испланирани воени злосторства кои ги врши Русија.

Гардијан пишува и дека на вчерашната донаторска конференција што се одржа во Париз, а која беше иницирана од францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володимир Зеленски, беа собрани над 1 милијарда евра за поддршка на Украина да ја премости тешката зима поради уништената инфраструктура од руските напади. 46 земји и 24 меѓународни организации донираа за обнова на украинската енергетска мрежа, прехранбената индустрија, здравството и транспортниот сектор.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...