fbpx

Румен Радев освои втор претседателски мандат на изборите во Бугарија

-

Актуелниот бугарски претседател Румен Радев освои втор мандат на функцијата на вчерашниот втор круг од претседателските избори во Бугарија. Според обработени над 99 отсто од гласачките ливчиња, Централната изборна комисија утрово објави дека Радев освоил 66,7 отсто од гласовите на бугарските избирачи, додека противкандидатот од ГЕРБ Анастас Герџиков добил 31,8 отсто од гласовите. Излезноста на изборите беше околу 40 отсто од запишаните граѓани на избирачкиот список.

Противкандидатот на Радев го призна поразот, додека самиот Радев по победата изјави дека граѓаните го избрале поради желбата за промени, за раскинување со корупцијата, грабежот и противзаконитостите.

Радев веднаш по прогласувањето на победата изјави дека новата бугарска влада не треба да отстапи од националните позиции во однос на спорот со Северна Македонија, особено кога залогот е “бугарскиот идентитет и историја и правата на нашите сонародници зад границата”.

На првиот ден по победата на актуелниот претседател на Бугарија, соопштение пристигна од Амбасадата на САД во Софија, пренесува Труд.бг.

Од Амбасадата на САД во Софија велат дека се длабоко загрижени за изјавите на бугарскиот претседател Радев за полуостровот Крим, којшто тој го определи како „руски“.

„САД, Г7, Европската Унија и НАТО сите заедно беа јасни и обединети во позицијата дека и покрај обидот на Русија да го анектира и постојната окупација, Крим е украински“, се наведува во соопштението на Амбасадата на САД во Софија.

Инаку, Радев изјави дека Крим е очигледно руски на претседателската дебата со противкандидатот Герџиков пред одржувањето на вториот круг на изборите. Тој тогаш додаде дека Бугарија не може да ја гледа Русија како непријател, додека ЕУ со воведените санкции поради Крим и Украина не добила ништо од тоа.

За разлика од Радев, противкандидатот на ГЕРБ Герџиков јасно изјави дека Крим е дел од Украина.

На пост-изборната карта на Бугарија може да се забележи дека второпласираниот кандидат Герџиков добил поддршка во оние делови од Бугарија каде што живее голем процент на турско население. За разлика од него, Радев ја доби поддршка на изборите од Бугарската социјалистичка партија, но за него гласаа и другите ривали на поранешниот премиер Бојко Борисов – партиите „Продолжуваме со промената“ и „Има таков народ“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Вечерва ќе се одржи промоција на винил компилацијата „Поп култура“ во едукативниот културен центар „Лабораториум“, во рамките на платформата „Силата ЕУ Младите“. Изданието содржи песни од млади современи македонски поп...