Рудникот САСА треба да плати глоба од 65.000 евра и да ја исчисти јаловината од реката Каменица

Министерство за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информира дека рудникот САСА треба да плати глоба во висина од 50.000 евра, а за одговорното лице глоба во висина од 15.000 евра во денарска противвредност, за сторениот прекршок истекување на јаловишен материјал во Каменичка Река, што се случи на 14 септември.

Освен глобата, рудникот САСА е задолжен за спроведување на девет мерки, меѓу кои и да ги исчисти деловите од коритото на реката Каменица од јаловишен материјал и истиот да го однесе на депонијата за јаловиште со која располага рудникот, врз основа на претходно обезбедена дозвола од МЖСПП.

„Да се изврши интервентно чистење на талогот на јаловината од бунарската зона на Каменица со цел да се спречи понатамошно загадување на подземните води со кои се снабдуваат бунарите за водоснабдување на дел од населението од општина Македонска Каменица, а потоа да се продолжи со чистење на речното корито на реката. Да го исчисти зафатот од талогот на мала хидроелектрана која е под јаловиште бр. 4 со цел ставање во функција на зафатот на вода за производство на електрична енергија,“ се дел од мерките кои рудникот САСА треба да ги преземе.