Рудникот „Саса“ главно прашање на јавната расправа за заштита на Осогово во Македонска Каменица

Кои се зоните на заштита во идниот заштитен предел на Осоговските планини, како тоа ќе влијае на работата на рудникот „Саса“ и дали ќе биде дозволен лов, беа главните прашања околку кои се дискутираше на втората јавна расправа по Нацрт-Одлуката за прогласување на дел од Осоговски Планини за заштитен предел која се одржа во Македонска Каменица.

Пред граѓаните и претставниците на Општината и на невладиниот сектор, Деспина Китанова од Македонското еколошко друштво (МЕД), ја презентираше Студијата за валоризација за предлог-подрачјето за заштита „Осоговски Планини“ во категоријата заштитен предел, а  Сашко Јорданов од Министерството за животна средина го објасни текот на постапката до конечното донесување на Одлуката од Владата.

„Жителите на Македонска Каменица се интересираа што предвидува заштитата во одделните зони, што тоа значи за жителите и за активностите на засегнатите страни. Пособено ги интересираше идната работа на рудникот ‘Саса’ и за експлоатацијата на наоѓалиштата со олово-цинкова руда по прогласувањето на заштитата на дел од Осоговските Планини. Во тој поглед, сите кои имаат концесија за работа ќе продолжат со строго почитување на стандардите кои се однесуваат на заштитата на животната средина, во согласност со дозволата која ја имаат“, информираат од Министерството.

Остануваат да важат и концесиите за лов, за сите концесионери кои ги поседуваат, а во иднина ловот ќе биде забранет само во најстрогата зона на заштита, што ќе биде утврдено до Планот за управување.

Градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова во поздравното обраќање истакна дека очекува од оваа јавна расправа која е една од серијата во рамките на долгиот процес на прогласување на Осогово за заштитено подрачје, да се излезе со усогласени ставови и мислења.

„Верувам дека Македонска Каменица ќе биде успешна приказна и пример за спојување на рударството со природата“, посочи Стаменкова.