Рудникот „Булмак 2016“ заради истекување јаловина може да добие казна и до 100.000 евра

Фото: ДИЖС

Државниот инспекторат за животна средина направи вонреден инспекциски надзор во рудникот во Пробиштип „Булмак 2016“ по добиена пријава преку електронска пошта дека има истекување на јаловина од скршена каналетка од транспортниот систем во рудникот. Во надзорот, направен на 25 и 26 август, инспекторите констатирале дека јаловината истекува од скршена каналетка на земјениот пат под старото јаловиште и е издадено решение загадениот дел да биде исчистен.

Инспекторите составиле записник и барање до Комисијата за посредување при Министерството за животна средина да поведе соодветна постапка за казнување, а глобата со која се соочува рудникот е до 100.000 евра, а за одговорното лице е 30 отсто од висината на глобата за правното лице.

„Констатирано е дека при инцидентот што се случил на 22 август во четири часот наутро, јаловината е истечена на површина од околу десет до 15 метри во должина и околу еден метар во ширина и дека е навлезена во кругот на поранешна сепарација, каде зафатила површина околу 20 до 30 квадратни метри, но не и во река Киселичка бидејќи е реагирано навреме и скршената каналетка е сменета со нова. Инспекцијата издаде Решение со кое се задолжи рудникот во рок од пет дена да ја исчисти загадената површина и да ја врати во првобитна состојба. Исто така направен е Записник за започнување на постапка за посредување за трета категорија на прекршок по Законот за животната средина и Барање за поведување на постапка за посредување до Комисијата за посредување при Министерството за животна средина“, се вели во соопштението на ДИЖС.