„Рударска приказна“ симболичен мурал за историјата на рударска Македонска Каменица

На Денот на рударите, 28 август, кој е и празник на градот, Македонска Каменица доби мурал, еден од најголемите во Македонија. Муралот е своевидна историја на малото рударско градче и го краси ѕидот спроти зградата на Општината. Делото на четворица македонски автори е исцртано на површина од речиси 300 квадратни метри, во должина од 75 метри. Највисоката точка на муралот е на 4 и пол метри.

На промоцијата на делото, градоначалничката Соња Стаменкова, рече дека муралот е историја на градот, кој е релативно нова населба, испреплетена со историјата на првиот печатар на Балканот, кој живеел овде.

-Македонска Каменица има постара историја, но градот, населбата, е нова, има нова историја и целата таа приказна е во тој контекст. Во таа современа рударска приказна, на муралот на крај, го има Часословот на Јаков од Камена Река и завршува со еден негов цитат. Јаков е роден во камена Река и тој е првиот печатар на Балканот. Неговиот цитат е дека е роден тука, неговото семејство живеело овде и дека ја напуштил Македонија и заминал некаде во Венеција. Тоа е еден преубав завршеток на муралот и симболика дека имаме и стара историја – изјави Стаменкова.

Муралот е активност на манифестацијата „Каменичко културно лето 2020“, кое оваа година, поради пандемијата, претрпи измени во планираната програма. Делото е и дел од серијата мурали кои треба да бидат изработени ова лето, во соработка со Центарот за современа ликовна уметност. Координатор на проектот е Јана Јанеска Ристески, а автори на муралот се академските уметници Александар Џинго, Сања Јездиќ, Ферди Булут и Александар и Хари Дудески.

Муралот останува да живее на отворено пред очите на каменичани, но и на сите патници намерници и тие што транзитираат на пат кон соседна Бугарија.