Падот на руската рубља нема да го намали, но ќе го забави извозот на македонските компании во Русија, кои годинава, според податоците на Министерството за економија, бележат зголемен извоз за 35 отсто.

– Падот на рубљата ќе влијае на извозот на македонски производи во Руската Федерација, односно ќе има забавување во порастот на извозот поради намалената вредност на рубљата. Што се однесува до загуби, не очекуваме таква појава бидејќи, сепак, договорите што се постигнуваат се во цврста валута, т.е. во долари и во евра, што претставува заштита на македонските компании – вели вели Дејан Бешлиев од Македонско-руската стопанска комора.

Бешлиев вели дека санкциите што ЕУ ги воведе кон Русија дополнително го отворија рускиот пазар за македонските компании.

Според податоците на Министерството за економија, извозот во Руската Федерација заклучно со октомври 2014 година изнесува 33,695 милиони американски долари и претставува 0,8 проценти во вкупниот извоз на Република Македонија. Споредено со истиот период од 2013 година, извозот во Руската Федерација е зголемен 35 отсто, особено на прехранбените производи.

Руската рубља во вторникот го достигна дното, кога изгуби 20 отсто од својата вредност во однос на еврото и на доларот, неполни 24 часа откако Московската централна банка во понеделникот издвои околу две милијарди долари во форма на инвестиции за да ја стабилизира рубљата. Последните два дена, руската валута бележи благо закрепнување, па за еден долар може да се купат 58,40 рубљи, а за едно евро 72 рубљи. Стабилизирањето доаѓа во пресрет на годишната конференција на рускиот претседател Владимир Путин со новинарите, кој досега не се изјаснуваше за монетарната криза во Русија.

Руската економија се наоѓа во рецесија, поради санкциите од Западот, како и ниската цена на нафтата бидејќи приходите од продажбата на овој енергент претставуваат голем дел од државниот буџет. Рубљата од почетокот на годинава ослабе повеќе од 45 отсто во однос на доларот.

Министер за стопанство на Русија, Алексеј Уљукајев, денеска за московскиот весник „Водомости“, изјави дека санкциите кои Западот го воведе кон Русија поради нејзината улога во кризата во Украина, веројатно „ќе потраат долго време, можеби и децении“. Тој оцени дека санкциите следната година би можеле да бидат поостри, а ситуацијата на пазарот на нафтата уште потешка.