РТК: Службеник на УНМИК е првиот заразен со корона-вирусот на северот на Косово, УНМИК демантира

„Службеник на УНМИК е таканаречениот „нулти пациент“ во општините на северот, населени со Срби. Всушност, тој може да се смета за прво лице заразено со корона вирусот на целата територија на Косово“, објави денес Радио телевизија Косово (РТК) повикувајќи се на неименуван извор од Северна Митровица. Изворот, наводно бил лице вработено во некоја друга меѓународн организаација, додека пак за заразеното лице се алудира дека било со руско потекло.

„Би сакале да појасниме дека ниту еден вработен во УНМИК не е тестиран позитивен на коронвирусот“ демантираа од УНМИК по неколку часа од објавата. Косовскиот јавен сервис го проследи објавувањето на веста со појаснувањето дека „иако оваа вест се уште не е потврдена“, ќе побарале став од УНМИК, од што произлегува дека овој медиум ја објавил информацијата без претходно да побара став од другата страна.

РТК во својот текст дури и заклучува дека заразениот вработен од УНМИК бил со руско потекло, врз основ на наводната изјава на нивниот извор.

„Службеникот за кој станува збор се вратил на работа од годишен одмор на 12 март, со симптоми на Ковид 19, и првите три дена бил на работното место, но во тоа време никој не го земал вирусот за сериозно“, го пренесува РТК исказот на својот извор.

„Тој дури и се шегуваше дека, дури и да има корона вирус, тој вирус не би можел да им наштети на Србите од Косово бидејќи тие претходно биле бомбардирани од страна на Американците па поради тоа станале имуни на вакви работи“, наводно, објаснува изворот.

Анализирајќи ја оваа негова изјава, Косовскот јавен сервис наведува дека тој со ова „сакал да сугерира дека се работи за граѓанин на држава, која не е во пријателски односи со САД, алудирајќи дека се работи за Русин“.

Неколку часа подоцна, на адресата на Радио Телевизија Косово пристигна демант на УНМИК. Медиумот го смени насловот во „ УНМИК негира дека помеѓу вработените има заразени со корона-вирусот“. Сепак останатиот дел од текстот остана непроменет, дури и оној дел во кој се вели дека ќе побарале став на УНМИК по ова прашање. Одговорот кој го добиле од УНМИК беше додаден на крајот од текстот.

Изменетиот текст после првобитната дезинформација на РТК

Пред само неколку дена, на 4.април, Европската федерација на новинари (European Federation of Journalists) ги повика новинарите од Косово да се воздржат од кревање тензии додека известуваат за здравствената криза предизвикана од ширењето на корона вирусот.

Ставањето на Северна Митровица во карантин беше проследено со несоодветно и неетичко медиумско известување, наведуваат од оваа организација. Посебни критики беа упатени кон косовскот јавен сервис – РТК.

„Невтемелените изјави и провокативните прашања на новинарот на Радио Телевизија Косово (РТК) во текот на известувањето од Северна Митровица“, предизвикаа бран реакции на Косово, што претставува ризик од предизвикување тензии помеѓу албанската и српската заедница“, заклучуваат од оваа организација.

Сања Соврлиќ