РСБСП: Сообраќајните несреќи се меѓу петте најчести причини за смрт на деца во светот

Фото: МВР на Северна Македонија

Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира до родителите да се грижат за безбедноста на децата во сообраќајот, бидејќи секое нивно однесување децата го прифаќаат како свое.

„Бидете им пример за правилно, совесно и одговорно учество во сообраќајот и почитување на сообраќајните правила и прописи,“ се вели во апелот на РСБСП.

Од таму додаваат дека децата на возраст до 14 години се најранливите учесници во сообраќајот.

„За жал, сообраќајните несреќи се меѓу петте најчести причини за смрт на деца во светот. На секои четири минути на патиштата низ светот, едно дете го губи животот. Ваквите несакани настани предизвикуваат неописливи страдања и тага, и оставаат последици врз функционирањето на семејствата. Се рефлектираат и врз општеството кое останува лишено од многу млади животи кои со својот интелект и младост требало да бидат двигатели, односно сила на општеството,“ се додава во соопштението.

Децата учествуваат во сообраќајот како патници, пешаци и возачи на велосипеди.

„Според статистиката најголем број од децата стрaдаат како патници во возило, што е дополнето и со фактот дека многу мал процент од родителите безбедно ги превезуваат своите деца на детски седишта во автомобилите. Нешто помал процент од децата се загрозени како пешаци, а најмал е процентот на настрадани деца при управување со велосипед,“ потенцираат од РСБСП.