РСБСП со апел до возачите и до учениците: Бидете внимателни и почитувајте ги сообраќајните правила

фото: РСБСП

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) упати апел до возачите, учениците и нивните родители за внимание и почитување на сообраќајните правила и прописи на стартот на новата учебна година.

Од Републичкиот совет апелираат возачите на моторни возила и другите учесници во сообраќајот да бидат особено внимателни во близина на воспитно-образовните установи, но и до родителите на учениците, воспитувачите и наставниците да ги запознаат и потсетат на основните правила и прописи во сообраќајот заради осигурување на нивната безбедност во сообраќајот на патиштата.

На децата кои возат велосипед или тротинет им се препорачува да носат заштитен шлем – кацига, да возат со пропишаната брзина и да ги почитуваат сообраќајните правила и другите учесници во сообраќајот, како и да управуваат со исправни и означени велосипеди или тротинети.

На децата кои пешачат, РСБСП им препорачува да ја поминуваат улицата само на обележан пешачки премин, да не претрчуваат преку улица, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација, односно да премминуваат улица само кога свети зеленото светло на пешачкиот семафор. РСБСП апелира учениците да бидат особено внимателни кога се движат во услови на намалена видливост, односно дожд и магла и, по можност, да носат светла облека или рефлектирачко елече, потоа да не преминуваат помеѓу возила во движење, да не користат мобилен телефон или слушалки при преминување на улица и да внимаваат кога се движат низ паркинзи.

„Денес започнува новата учебна година, што значи огромен број деца ќе се упатат кон градинките и училиштата. Токму тие – децата кои пешачат или управуваат велосипед, тротинет и слично, се најмалите учесници во сообраќајот и неопходно е да знаат како да сe однесуваат во истиот“, велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.