Роверот „Персеверанс“ успеа да произведе пет грама кислород на Марс

Credits: NASA/JPL-Caltech

По успешниот лет на хелихоптерот на Марс, овој пат роверот „Персеверанс“ успеа да произведе кислород од јаглероден диоксид од атмосферата на Марс.

Инструментот со големина на тостер наречен „мокси“ произвел пет грама кислород, колку што на астронаут би му било доволно да дише околу десет минути на Марс.

„Oва е прв и клучен чекор од претворање на јаглероден диоксид во кислород на Марс. „Мокси“ има уште многу работа, но резултатите од експериментот со оваа технологија ветуваат дека еден ден луѓето навистина би можеле да живеат на Марс. Кислородот не е само нешто што го дишеме. Ракетниот погон зависи од кислородот, а идните истражувачи ќе зависат од производство на погонско гориво на Марс за да се вратат дома“, вели Џим Ројтер од Дирекцијата за мисија во вселенска технологија

„Мокси“ е способен да соголува атоми на кислород од молекулите на јаглероден диоксид, а како отпад се добива јаглероден моноксид, кој се испушта во атмосферата на Марс. Инженерите на НАСА очекуваат тој да произведува десет грама кислород за еден час, а идните човечки мисии на Марс би се снабдувале со кислород преку големи верзии на „мокси“, место тој да се носи од Земјата.

Се планира „Мокси“ да произведе кислород барем уште девет пати во првите две години додека се наоѓа на Марс.

Инаку, атмосферата на Марс е составена од 96 отсто јаглероден диоксид, додека кислородот е застапен со само 0,13 отсто.