Судскиот совет денеска ги соопшти пресудите во повторениот судски процес за случaјот „Ровер“, во кој на десетмина обвинети, меѓу нив и поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, им се судеше за убиството на Марјан Тушевски и на Киро Јанев од 2001 година.
Како непосредни извршители на убиството, судот на доживотна казна затвор ги осуди српските државјани Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ. На четворицата пресудата им е изречена во отсуство бидејќи се во бегство и не им се достапни на органите на прогонот, пренесува порталот „А1 он“.
Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, е осуден на десет и пол години затвор, Зоран Трајковски на осум и пол години, Ивица Ристиќ на седум, а Никола Негриевски – на затворска казна од пет и пол години.
Како што пренесува порталот, обвинетите ја примиле пресудата со аплауз, а Љубе Бошкоски бил свртен со грб кон судиите.
Првичната пресуда за случајот „Ровер“ беше укината од Апелацискиот суд, кој одлучи предметот да биде вратен на повторно судење.