Решението на спорот со името помеѓу Грција и Македонија е пример за мирно решавање на конфликти помеѓу европските партнери, вели Државниот министер за Европа на Германија,  Михаел Рот, во интервју за „Велт“.

– Кој до неодамна можеше да смета дека е можен договор за 27-годишниот спор за името помеѓу Поранешната југословенска Македонија, во иднина Република Северна Македонија, и Грција? Храбри, ангажирани политичари од двете страни со голем личен ангажман постигнаа нешто историско. Во меѓувреме и македонскиот и грчкиот парламент го усвоија Преспанскиот договор за решавање на спорот со името. Дебатите што му претходеа на гласањето во Скопје и Атина беа контроверзни. Националните емоции беа бурни, се поттикнуваа стравови. Согласноста беше сѐ друго освен нешто што се подразбира. Храброста, далекувидоста и истрајноста на актерите што дејствуваа од двете страни го донесоа конечно пресвртот. За да го пресечат Гордиевиот јазол, премиерите Ципрас и Заев ризикуваа многу политички и постигнаа многу за своите држави и целиот регион – вели Рот.

Тој додава дека за Скопје и понатаму да може да чекори по започнатиот реформски пат, ЕУ-перспективата за Македонците мора да остане на дофат и конкретна.

– Особено голем дел од младите копнеат по Европа. За пристапниот процес да биде веродостоен, потребни се секогаш две страни. И сега ЕУ мора да испорача. По успешни напори на земјите кои сакаат да се приклучат, мора да следи конкретен напредок во пристапниот процес. Од тие причини сега ЕУ мора брзо да започне пристапни преговори со Северна Македонија – додава Рот.

И денес, 20 години по крајот на крвавите граѓански војни во поранешна Југославија, Рот смета дека состојбата во Западен Балкан е се уште кревка.

– Организираниот криминал и корупција остануваат да бидат проблем. Сѐ уште неизлечените рани на минатото болат во колективното паметење и водат до тензии меѓу државите како и меѓу етничките и религиозните групи. Многу млади луѓе заминуваат во странство во потрага по подобра иднина. Можеби и поради тоа што ние во ЕУ станавме премногу малодушни – вели Рот во интервјуто.