За Фросина бараме правда. Бараме одговорност од Зоран Јованов, таткото на Васил кој ја прегази Фросина, а бараме да одговара и судијката Даниела Алексовска Стојановска, кои не излегоа ниту да изразат сочувство на семејството, туку кукавички се кријат и бришат профили од социјални мержи. Правда за Фросина мора да има и овој случај да не се повтори, порача денеска сестрата на Фросина Кулакова, Росица, која скршена од болка даде изјава за медиумите.

„Општеството е огледало на вредности кои ги носат оние кои го водат, а децата се одраз на нивните родители. Не може да се оечкува чесно и одгворно управување од луѓе кои не успеале да ги всадат основните морални и општествени вредности дури и во сопствениот дом. На функции треба да се луѓе со интегритет, кои својот карактер и вредности ги покажале и во сопствениот живот, како граѓани, како родители, како дел од заедницата. Оној кој не го воспитал сопствениот наследник да ги почитува законите, да разликува добро од зло и да живее чесно, не може да добие доверба да управува со државата. Ваквите лица не смеат да добијат јавна функција и тие треба да одговараат за криминалните постапки на своите помлади полнолетници. Функциите не смеат да се засолниште за оние кои не ги почитуваат законите“, зборуваше Кулакова.

22 годишната Фросина Кулакова на 30 јануари беше усмртена на пешачкиот премин спроти пекарницата „Силбо“, поминувајќи на зелено за пешаци, откако во неа удри автомобил чиј возач, 20 годишниот Васил Јованов, возејќи со 130 км на час прелетал на црвено светло, во алкохолизирана состојба и без возачка дозвола.

Денеска во 17 часот ќе се одржи протест на булеварот Партизански одреди, кај Универзална сала. Од граѓaнската иницијативата „Кој е следен?“ велат дека случајот со Фросина Кулакова не е изолиран, дека се повторуваат истите случаи на неконтролирано возење со години, се повторува неказнувањето и недолжното згаснување на животи.

Протестен марш денеска во 17 часот против неконтролираното возење и неказнивоста