Добитник на „Златен венец“ за 2019 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е романската поетеса Ана Бландијана. Одлуката ја соопштија Управниот одбор и Дирекцијата на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП) на денешната свечена седница што се одржа во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Наградата на годинашната лауреатка, чие вистинско име е Отилија Валерија Коман, ќе ѝ биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации нa годинашното издание на фестивалот, кое ќе се одржи од 21 до 28 август.

Местото кое Ана Бландијана, која е родена во Темишвар, Романија, во 1942 година, го зафаќа во книжевниот живот на Романија, може да се спореди со она на Ана Ахматова во Русија или Вацлав Хавел во Чешка. Таа е високопризнаена фигура во романската книжевност и има напишано 17 стихозбирки, две книги фантастична проза, девет книги есеи и еден роман. Нејзиното дело е преведено на 25 јазици и претставено во 80 книги поезија и проза.

Таа припаѓа на генерацијата романски нео-модернисти, беше истакнат противник на режимот на Чаушеску, и со низа стихозбирки од 1966 до 1981 година, се етаблираше како еден од најистакнатите поети на нејзината генерација. Како признание за нејзиниот придонес кон европската култура и нејзината храбра борба за човековите права, во 2009 година на Бландијана ѝ беше доделено највисокото одликување од Француската Република, „Легија на честа“, додека Државниот Секретаријат на САД ја одликуваше со наградата „Храбри Романки“ во 2014 година. Романскиот крал Михаил ѝ го додели кралскиот орден „Нихил сине Део“ (2014).

Во 1990 година Бландијана го возобнови романскиот ПЕН клуб (основан во 1924 година и распуштен за време на комунистичкиот период) и стана негов претседател (1990-2004).

Според лауреатката, „Златен венец“ на СВП е поважен од која било друга награда и веста за признанието кај неа предизвикало горечка возбуда, бидејќи нејзиното креативно созревање е обележено токму од овој фестивал во земјата на која, како што вели, чекорел Орфеј.

„Треба да знаете дека за мене, како романски поет, овој легендарен венец е поважен од која било друга европска награда. И тоа не само затоа што е една од најстарите книжевни награди во светот, туку затоа што пораснав и станав поет под речиси митската аура на поетскиот фестивал крај Струшкиот мост и во Орхидската катедрала и крунисувањето на Никита Станеску беше магичен момент на мојата генерација. Веќе педесет и осум години, големите светски поети што ги избравте, благодарно доаѓаа во оваа земја, по која чекореше Орфеј, осветлени со верата дека убавината ќе го спаси светот и дека нивното присуство може да го втисне во духот на Европа обликот на Струшкиот венец“, порачува годинашната добитничка на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата во своето поздравно обраќање.