Центарот за управување со кризи и Министерството за внатрешни работи пронајдоа романски државјанин, кој се загубил на Матка. Како што информираат од ЦУК, синоќа преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, биле примен повик од државјанин од Романија, кој се изгубил шетајќи во реонот на Матка, во близина на пештерата Врело, на подрачјето на Општина Сарај.

„Преку континуирана комуникација со изгубеното лице, операторите на ЦУК успеаја да ја утврдат неговата приближна локација врз основа на координатите и податоците од повикот на 112, по што тие беа доставени до ЦИК при МВР за полесно и побрзо лоцирање. На лицето му беше дадена јасна инструкција да не се движи од местото каде што се наоѓа, бидејќи поради ноќта, непристапниот терен и дезориентацијата, тоа претставувало најбезбедна опција и воедно овозможувало полесно спроведување на потрагата“, велат од ЦУК.

Полицијата организирала теренска потрага, а поради непристапноста на теренот од страната на Матка, спасувачката екипа до местото стигнала преку Јасен. Романецот бил лоциран утрово пред четири часот, а иако бил дезориентиран, бил во стабилна здравствена состојба.