Рок легендите Ван Гог, Игор Џамбазов и Фиц (Студени Нозе) на 25 јуни на фестивалот “Skopje Unplugged”

Извор: ЈУ Универзална сала-Скопје

Фестивалот на акустична музика “Skopje Unplugged”, во организација на ЈУ „Универзална Сала“ и Град Скопје, е пред одржувањето на своето трето издание, кое е закажано за петок (25 јуни), на кровот на паркингот во „Сити Мол“, со почеток во 18:30 часот, информираат од ЈУ „Универзална сала“.

Организаторите велат дека полека но сигурно, “Skopje Unplugged” се наметнува на македонската мапа на музички фестивали и прераснува во препознатлив бренд на т.н. “boutique” фестивал, со посебен акцент и третман на публиката. Исто така, “Skopje Unplugged” е единствениот фестивал кој третира исклучиво акустична музичка изведба и со тоа создава едно посебно доживување.

Оваа година на фестивалот ќе настапат регионалните рок легенди Ван Гог. Публиката ќе има можност да ужива и во настапот на неповторливиот шоумен и еден од најактивните домашни музичари, Игор Џамбазов придружуван од Гуру Харе Бенд, а ќе можат и заедно со Фиц да ги испеат безвременските хитови на Студени Нозе.

Организаторот напоменува дека поради почитување на ковид протоколите препорачани од Владата и надлежните институции, влезниците ќе бидат во строго ограничен број со единствена цел – запазување на сите мерки на претпазливост. Билетите може да се купат на билетарата во МКЦ или електронски на линкот https://bileti.mkc.mk/index.php?id=823 со промотивна цена од 500 денари.