Времената мерка за забрана за примање во градинка на деца невакцинирани со МРП вакцина на Министерството за здравство (МЗ), изминативе два дена предизвика бурни реакции на социјалните мрежи. Според едни, ваквата мерка за забрана треба да биде трајна, а други оценуваат дека министерството само шири паника и дека не треба на овој начин да се условува приемот на деца во градинките.

– Јас сум за вакцинирање, бидејќи овде се работи за болести кои се заразни и лесно можат да се рашират во епидемија. Се работи за колективна свест, која ни недостасува во секој сегмент од општеството. Што правиме со оние деца кои веќе се хронично болни од астма и други аспираторни заболувања, оние кои имаат автоимуни заболувања и ред други болести и на сето тоа да добијат и морбили? Исходот може да биде трагичен – пишува една мајка.

Силвана М., мајка на петгодишно дете, пак, смета дека оправдани се стравовите кај родителите кои избираат да не ги вакцинираат своите деца.

– И родителите кои вакцинираат и оние кои не вакцинираат, го направиле изборот мислејќи им најдобро на своите деца. А дебатите по социјалниве мрежи се колеж. Јас на пример, воопшто не можам мирна душа да имам, иако и немам баш избор со детево. Има препорака да не се вакцинира, а доколку ептен решиме, да го носиме на клиника, со задолжителна хоспитализација и надзор. Па, за тоа не сме се решиле. А еве го, во моментов кашла на минутка, со антибиотик и инхалација. Реално нам, кои сме лаици следствено е да ни е страшно и едното – последици од болести, и другото – последици од вакцините – вели Силвана.

Во меѓувреме, во градинките во Скопје од утрово не се примаат деца кои ја немаат примено МРП вакцината. Освен Министерството за здравство, известување до градинките испрати и Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

„Ги информиравме сите државни и приватни градинки, дека Министерството за здравство прогласи епидемија на мали сипаници (морбили) во Скопје, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести. Истовремено МТСП им укажа на градинките дека е на сила забрана за примање деца во градинките кои не се васкцинирани од МРП (вакцина за морбили, рубеола и паротит). Градинките се задолжени и да спроведат санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки. Врз основа на горе наведеното МТСП укажува дека треба да се почитуваат одлуките коишто се донесени од страна на Министерството за здравство. Укажувањата и препораките се во насока превенција и поголема безбедност на децата“, велат оттаму.

Во министерството истакнуваат дека казните за невакцинирање на децата за родителите, се движат од 350 до 650 евра.