Родителите се клучен фактор за надминување на злоупотребите на онлајн наставата, велат од МОН

Фото: Thomas Park на Unsplash

Злоупотребата на онлајн наставата од страна на учениците е еден од проблемите со кои се соочува моделот на учење од  далечина, со кој започна наставата на повеќето училишта во државата. Учениците анонимно ги споделија своите искуства од онлајн наставата, па евидентни се примери на различни злоупотреби, од спиење и играње игри за време на час, до следење на настава од различни локации надвор од домот.

Не секаде постојат вакви злоупотреби, но онаму каде што ги има, училиштата ги решаваат во координација со стручните училишни служби и со Министерството за образование. Од МОН за злоупотребите на онлајн наставата велат дека состојбата е тешка за сите и истата бара повисока свест, разбирање и меѓусебна поддршка и додаваат дека на крајот на учебната година, секој ученик ќе го добие она што го заслужил. Велат дека моделот на учење од далечина не е совршен, но е значително унапреден од неговото воведување до денес.

„Факт е дека не постои совршен образовен систем и дека секогаш некој ќе се обидува да се надмудрува со иститот, да ги заобиколува непишаните правила и правните прописи како и законите за основно и средно образование и во случајов, Планот за организирање на учебната 2020-2021година, Прирачниците за проверка на знаењето на учениците и слично. Но, сепак, треба да биде јасно дека суштината на образованието е стекнување на знаења и соодветно вреднување на тие знаења преку проверки, тестирања, оценувања и водење педагошка евиденција за што постојат механизми за примена и при учењето на далечина. Така што, на крајот од учебната година секој го добива тоа што го заслужил и што било евидентирано од страна на наставниците“, велат од Министерството за образование.

Симулација на час преку платформата за далечинско учење (oд 18.09.2020) / Фото: Фејсбук на Мила Царовска

Велат дека за успешна имплементација на учењето на далечина од особена важност е одговорноста да биде издигната на највисоко ниво кај сите учесници во процесот- градоначалници, директори на училишта, наставници, ученици, родители/старатели.

На прашањето какви овластувања имаат наставниците за време на онлајн наставата  и кој е задолжен да реагира во случај на злоупотреби, од МОН упатуваат на Кодексот за однесување на учениците за време на настава, кој треба да се адаптира на новиот, онлајн модел на учење.

„Секое училиште има Кодекс за однесување на ученици за време на наставата. Тој документ се однесува на активности што се преземаат од страна на директорот на училиштето, Советот на паралелките или класниот раководител, во услови на непочитување на правилата и редот наставата. Врз основа на такви постапувања, соодветно се предлагаат и одредени санкции и постапувања кон ученици кои со своето однесување влијаат на квалитетот на наставата и работата не само на наставниците, туку и на останатите ученици. Истите овие кодекси треба да се адаптираат на новата ситуација и да ги опфатат овој тип однесувања“, велат од МОН.

Од таму додаваат дека секој наставник има личен интегритет и педагошки алатки за пристап кон ваквите ученици и наставникот е директно одговорен за начинот на постапување и формите на комуникација со учениците и во вакви ситуации. Но, велат дека најголема улога во надминување на оваа состојба имаат родителите.

„Секој наставник, класен раководител треба активно да реагира на вакви случаи и навремено да разговара со родителите, коишто се клучен фактор за надминување на оваа состојба – преку индивидуални средби или во форма на родителски средби што ќе помогнат да се надминат овие проблеми“, додаваат од Министерството.

Од разговорите со директори на неколку средни училишта во државата, може да се забележи дека во случај на злоупотреба на наставата, секое училиште постапува соодветно со видот и сериозноста на злоупотребата.

Директорката на СОУ „Јане Сандански“ во Штип, Маја Гичева, вели дека до неа стигнувале поплаки од страна на наставниците, но дека во ова медицинско училиште бројот на ученици кои се непримерни за време на онлајн настава е минимален.

“Процентот на ученици кои ја злоупотребуваат наставата е многу мал, околу 10 отсто, поголемиот дел од ученциите се задоволни и редовно ја следат наставата. Од поплаките од професорите има злоупотреби од типот ученикот да се вклучи на платформата, а потоа да спие, колку само да биде виден дека е вклучен и присутен. Знаат да кажат и оправдувања од типот: не ми работи микрофонот, камерата, ако наставникот им побара да ги види и слично“, вели Гичева.

Таа додава дека за онлајн наставата важат истите педагошки мерки како и за наставата со физичко присуство.

„Во разговор со училишните служби, одлучивме во случај на злоупотреба да ги контактираме поединечно родителите и да им ја објасниме ситуацијата дека иако е онлајн настава, истата мора да се следи редовно бидејќи несоодветно и неправилно почитување на онлајн наставата ќе предизвика и ќе придонесе до соодветно донесување на педагошки мерки. Наставниците да ги запишуваат забелешките за да потоа биде исконтактиран родителот/старателот за да можеме следствено да постапиме како што ни е наложено. Истите педагошки мерки кои важат за физико присуство се аналогни и за следење на онлајн наставата“, додава Гичева.

СОУ Јане Сандански Штип
СОУ „Јане Сандански“ – Штип/ фото: веб-сајт на училиштето

Од средното училиште „Нико Нестор“ во Струга, велат дека досега во ова училиште не се забележани злоупотреби и дека на почетокот на учебната година на учениците им е поделен Протокол за однесување.

„До овој период немаме поплаки за недолично однесување на учениците од наставниците кои реализираат онлајн настава. Ние им дадовме Протокол за однесување и на учениците во однос на тоа како треба да се однесуваат за време на онлајн наставата, пред сè со содржините и секако со почит кон наставниот кадар“, велат од училиштето.

При формирање на оценки на учениците, годинава ќе се следат упатства утврдени од Бирото за развој на образованието.