Меѓу сите други работи за на училиште кои деновиве ги купуваат родителите пред почетокот на новата учебна година, тие мора да издвојат пари дури и за тоалетна хартија која нивните деца ќе ја користат додека трае наставата.

Иако цената на оваа хартија не е висока, училиштата, односно општините кои се нивни основачи, не ја набавуваат.

Набавката на тоалетна хартија, сапуни, бришачи за раце, антибактериски гелови, влажни марамчиња, формално не е задолжителна, но сепак речиси сите росители ова го обезбедуваат на почетокот на секоја учебна година.

Во некои училишта, освен по околу 500 денари по дете за одржување лична хигиена, дополнително се собираат заеднички пари и за прибор и материјали кои се користат во текот на наставата.

– Средствата за лична хигиена родителите си ги купуваат за нивните деца, кога одат во тоалет да си имаат. Главно секој родител си е подготвен да си го обезбеди своето дете. Ако мајката сака детето да ѝ користи влажни марамчиња, тогаш купува. Но, имаме проблем со влажните марамчиња, ни се запушува често канализацијата од нив, децата ги фрлат во тоалетите. Тоалетна хартија исто така си набавуваат самите, а течен сапун набавува училиштето. Средства за одржување хигиена во просториите во училишето набавува општината – вели Бистрица Станковска, директорка на училиштето „Гоце Делчев“ во Лисиче.

Зошто градоначалниците не обезбедуваат тоалетна хартија за училиштата, наместо тоа да го прават родителите?

Велимир Смилевски, градоначалникот на општина Бутел, вели дека не се работи за тоа дека нема пари, туку дека средствата за хигиена се крадат.

– Не купуваме тоалетна хартија затоа што ја крадат. Ако видат дека има, се маваат со неа. Дополнително, се случува да паѓа на подот, па и од хигиенски причини нема хартија во училиштните тоалети. Ние како општина купуваме сапун и средства за одржување на хигиената во училиштето. Но, за влажни марамчиња, антибактериски гелови, бришачи и слични средства – тоа е желба на родителите, тие самите тоа го набавуваат, никој не им наложува – вели Смилевски.

Во Министерството за образование и наука (МОН), велат дека училиштата добиваат средства од државата преку блок-дотациите, кои им се префрлаат на општините од државниот буџет.

– Тоа се пари кои служат за нормално реализирање на воспитно-образовниот процес и за тековното функционирање на училиштата. Родителите немаат никаква обврска да вложуваат средства во училиштата за набавка на опрема, хартија, за поставување на физичко обезбедување. Напротив, доколку тоа им се наложува како обврска, можат да пријават во Државниот просветен инспекторат. Исклучок се ситуациите во кои самите родители, преку советот, односно училишниот одбор носат одлука да донираат средства за одредена намена – појаснуваат во Министерството.

Пред почетокот на учебната година, наставниците им даваат списоци на родителите со потребните работи кои треба сами да ги набават. На списокот се мрсни, темперни, дрвени, водени боици, тетратки, линијари, гуми, острилки, фломастери, колажи, блокови, пластелин, глина.