„Одредете си цена за вашите деца“ – родителите на загинатите деца во Кочани, тврдат дека премиерот Мицкоски, токму со оваа реченица им се обратил на средбата која ја имале со него на 7 јули во Владата. Како што наведуваат и објавуваат на Фејсбук од Здружението на граѓани 16-ти Март 2025 Кочани, родителите биле видно вознемирени од односот и содржината на состанокот и обвинуваат дека биле понижени. Во Владата пак, денеска излегоа со соопштение со наслов „Злоупотреба на болката не носи правда“ алудирајќи дека родителите ја злоупотребуваат својата болка за загубените деца. Во соопштението Владата ги демантираа наводите на граѓанското здружение 16-ти Март 2025 Кочани.
„Тоа не беше само навреда, тоа беше газење врз спомените, врз болката, врз човечкото достоинство. Ако вие, господине премиер, мислите дека животите на нашите ангели имаат цена, тогаш прашуваме: колку вреди еден човечки живот? Кога ќе можете да го процените тоа, тогаш дојдете и кажете ни ја цената за нашите деца. Нашите деца се херои. Со своите животи, оставија печат врз оваа држава. И ако вие не знаете да ја водите оваа држава, ако не знаете да обезбедите правда и покрај сите докази што ви се ставени на маса, тогаш отстапете го вашето место на некој што знае, што умее, што има совест и храброст. Ние не се плашиме. Иако сме под огромен стрес и со скршени срца, нашиот разум и нашата борба не престануваат“, наведено е во објавата на Фејсбук од Здружението на граѓани.
Претходно тие посочуваат дека иако инсистирале средбата да се одржи во Кочани, одговорот од Владата бил дека безбедносните услови не дозволувале премиерот да патува и средбата морало да се одржи во Скопје.
„И покрај горештините и нашата болка, отидовме во главниот град – со надеж дека конечно ќе бидеме слушнати“, велат родителите и роднините на починатите деца. Како што додаваат, на средбата присуствувале околу 60 родители и членови на семејствата на починатите деца, а за повеќето од нив ова била прва лична средба со премиерот.
„Очекувавме барем еден човечки збор, искрено сочувство. Но, тоа не се случи. Наместо тоа, бевме пречекани со површен поздрав: ‘Здраво, како сте?’ – зборови кои не можат да ја допрат болката на родител кој изгубил дете“, пишуваат родителите на жртвите.
Од здружението посочуваат дека на 1 јули доставиле формално барање до премиерот Христијан Мицкоски, претседателката Гордана Силјановска Давкова и спикерот на Парламентот, Африм Гаши. Две недели подоцна не добиле одговор ниту од Силјановска Давкова ниту од Гаши. Единствено ги контактирале од кабинетот на премиерот и им закажале состанок на 7 јули во Скопје.
Во однос на барањето, премиерот им рекол дека прв пат го гледа односно штотуку му било предадено од службите. На тоа тое реагирале бурно, бидејќи уште на 03 јули кога ги контактирале од неговиот кабинет им било кажано дека барањето е примено и разгледано.
На нивниот револт реагирала портпаролката на Владата, Марија Митева, која им ги објавила процедурите во Владата, односно дека писмото на 3 јули било заведено во архива, ден подоцна било пратено до другите институции, а дури на 7 јули му било врачено на премиерот.
„Иако не сме правници, неприфатливо ни е писмо адресирано лично до премиерот, без негова дозвола и знаење, да биде разгледувано и препраќано од други институции без негова одлука“, велат родителите и роднините на жртвите.
Понатаму додаваат дека никогаш нема да ја заборават навредата од премиерот кога откако уште на првото барање за еднократна парична помош за секое семејство погодено од трагедијата Мицкоски рекол: „Ова барање е исто како предлогот на СДСМ, само што вие немате ставено цена. Одредете си цена за вашите деца“.
Објавата на оваа содржина на социјалните мрежи предизвика остри реакции во јавноста. Владата реагираше преку соопштение со наслов „Злоупотреба на болката не носи правда – Владата посветено продолжува да им помага на семејствата од кочанската трагедија“ чија цел се чини дека е контрола на штетата на угледот на премиерот и коалицијата на власт.
„Не се точни наводите пренесени во дел од медиумите за состанокот со роднините на загинатите од кочанската трагедија. Во моментот се прави злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина. Владата е тука за семејствата, за сè што им е потребно и секогаш ќе биде со нив дури и кога за некои работи ќе имаат различни мислења. Владата жали за впечатокот кој некои го добиле, но тие средби досега не се ни први, а ни последни и апелираме да не се прави сензација од средба наменета за поддршка и сочувство“, наведено е во владиното соопштение.
Премиерот за време на средбата, како што се додава, изразил сочувство до сите присутни поединечно.
„Сведување на дискусијата на „здраво како сте“ и „колку чини“ не само што не ја одразува вистинската дискусија и намера, туку е навредливо и се обидува да фрли сосема погрешно светло на намерите и постапките на Владата, определувајќи ги како длабоко нечовечни што е несоодветно и неточно. Истовремено, изразувајќи длабока тага за трагедијата, сочувство и поддршка за семејствата, упатуваме на тоа дека оваа трагедија, овој трагичен и ужасен настан, е болка не само за семејствата, но и за целата држава и нема некој кој не го мисли и чувствува тоа. Владата ќе биде секогаш тука за семејствата и што се однесува до нашиот ангажман и тоа што зависи од нас, ќе се трудиме правда да има, и ќе се бориме утеха некаква ако може да се најде, и секогаш ќе бидеме потпора на семејствата, во нивните потреби, барања и предизвици“, пишува во соопштението.
Покрај еднократна парична помош за семејствата на жртвите, тие во писмото до претседателката на државата, премиерот и претседателот на Собранието бараат и предвремено пензионирање или инвалидска пензија за родителите на починатите во трагедијата, право на отсуство или заштита на работното место по трагична загуба, поддршка и заштита на децата кои изгубија родител, како и поддршка и заштита на браќата и на сестрите на починатите.
