Роботот „Доминатор“ успеа да аранжира 100.000 домино плочки во мурал со Супер Марио за само еден ден

Робот Доминатор
Фото: принтскрин од Јутјуб / Mark Rober

„Дом“ е мал пријателски настроен робот кој е одличен во само едно нешто – местење на куп домино плочки за исклучително брзо време.

Вака го започнува своето видео јутјуберот и инженер Марк Робер, кој создал робот што може да прави домино – мурали со молскавична брзина. Во видеото на неговиот канал на Јутјуб, роботот за 24 часа успеа да аранжира повеќе од 100.000 домино плочки во мурал со „Супер Маро Брос“. За споредба, јутјуберот вели дека за да успеат во вакво нешто, на седум луѓе би им била потребна цела седмица.

Роботот наречен „Доминатор“, кој во исто време мести 300 домино плочки, морал да се враќа неколку стотици пати за да се наполни со нови плочки и потоа да ги однесе во салата каде ги мести. Домино плочките во него се внесувани од страна на друг робот. Робер во видето вели дека сегашната верзија на „Доминатор“ е кулминација на долгогодишната работа на неговиот тим составен од уште тројца луѓе, а во видеото ги прикажува и неуспешните дизајни кои довеле до конечниот производ.

Роботот во видеото се натпреварува со домино експертот Лили Хавиш, која на Јутјуб е позната и како домино-кралица.

Во видеото се споменува само дел од начинот на кој работи роботот, додека тимот има и свој блог каде детално ја објаснува идејата за проектот, прототипот, начинот на функционирање на софтверот и хардверот и слично.

Еден од поинтересните делови е навигацијата на роботот – тој во поголем дел користи ГПС, но тимот признава дека за да се намести роботот правилно да ги усогласи домино плочките без да ги преврти во текот на процесот, биле потребни многу обиди и грешки.

На тимот му биле потребни цели пет години за да стигне до тука, а крајниот производ покажал дека роботот е за десет пати побрз од обичниот човек.