Роберт Ф. Кенеди Џуниор (71), кој е Секретар за здравство и социјални услуги на САД, ги обвини видео-игрите за масовните пукања во училиштата и на целата територија на САД, иако ова прашање е целосно и темелно спорно.

Во разговор за Пи-Би-Ес, американскиот секретар за здравство објасни дека Националните институти за здравство ги испитуваат можните причини за вооружено насилство, при што ги наведе „видео-игрите и социјалните медиуми“ како веројатни виновници. Мора да се напомене битна работа дека Роберт Ф. Кенеди Џуниор, исто така, верува дека нема поврзаност помеѓу ХИВ и СИДА и дека флуоридот во водата предизвикува губење на коефициентот на интелигенција.

„Прашањето за огненото оружје е комплексно прашање“, рече Кенеди Џуниор одговарајќи на прашње дали имало каква било дискусија за пристапот до огнено оружје и менталното здравје на децата. Потоа тој продолжи со длабоко вознемирувачка реторика за тоа како пукањата во училиштата започнале дури во 1990-тите, а во негово време децата биле охрабрувани да носат оружје на училиште и ништо лошо никогаш не се случило.

Ова, се разбира, е сосема неточно. Масовните пукања во училиштата во САД се присутни во 1950-тите, а до времето кога тој бил на училиште во 1960-тите, имало над 100 пукања во училиштата во текот на целата деценија.

Во 2011 година, Врховниот суд на САД пресуди во случај базиран на закон во Калифорнија со кој се бара цензура, напишан од државниот сенатор Лиланд Ји. Подоцна Вишиот суд го поништи законот со кој се забрануваше продажбата на видео-игри на малолетници со оценка за возрасни, и нагласено беше дека видео игрите се заштитени со правото на слобода на говор. Тоа доведе до саморегулација, каде што компаниите за видео игри можат да ги информираат родителите за природата на содржината што ја купуваат за нивните деца.

Не е толку тешко да се најдат докази против тврдењето на РФК Џуниор, кое претседателот Доналд Трамп го спомена и во својот прв мандат. Американската асоцијација на психолози соопшти дека нема доволно научни докази за да се поддржи директна причинско-последична врска помеѓу насилните видеоигри и насилното криминално однесување.

Од Националниот центар за биотехнологија имаат правено голем број на истражувања коишто укажуваат дека поврзаноста на видеоигрите со креирање желба за насилство и пукање нема никаква поврзаност. Дополнително на медиумот Ројал сосајети се објавени уште повеќе истражувања на оваа тема кои можат да се прочитаат тука, тука и тука.

Во извештај на Универзитетот Стенфорд, пак, се вели дека „поврзувањето на вооруженото насилство со употребата на видео игри нема фактичка или истражувачка основа. Со ширењето на соработката помеѓу индустријата за игри и лекарите, видеоигрите би можеле дури и да бидат дел од решението“.

Една студија од 2019 година од Универзитетот Оксфорд открила дека нема корелација помеѓу агресијата кај тинејџерите и времето поминато во играње насилни видео игри. Постојат многу други слични научни наоди.

Написот продолжува на следната страница