Роберт Ботери, креативен директор на списанието „Младина“ од Словенија е со децении во култниот весник, кој во некогашна Југославија беше предводник на авангардата, често со контроверзни содржини. Во април годинава дојде и до дипломатски инцидент, кога „Младина“ на насловната страна објави карикатура со унгарскиот премир Виктор Орбан со рака крената во нацистичкиот поздрав, а околу него се неколку ситни фигури на словенечки политичари – десничари, меѓу кои и Јанез Јанша. „Младина“ тогаш објасни дека насловната страница е резултат на мешањето на Орбан во словенечката медиумска сцена, со купувањето на неколку медиуми, сопственост на луѓе од партијата на Јанша.

Во разговорот за „Мета.мк“, Ботери открива дека една од поголемите медиски вести во Словенија беше бегството на поранешниот македонски премиер, Никола Груевски во Унгарија, дека националистички сајтови шират лажни вести и говор на омраза, додека судиите не се осмелуваат да пресудат казни во име на слобода на говорот, а често се „купуваат“ сајтови со цел да се дискредитираат бизнисмени и политичари.

На што се однесуваат лажните вести во Словенија?

– Во последно време најмногу дезинформации беа врзани за мигрантската криза. Тогаш имаше информации, особено на националистичките сајтови, со негативни коментари и насочени кон тоа мигрантите да се прикажуваат како криминалци. Другата работа е таа целна дискретитација на одредени политичари и бизнисмени, кога се поткупуваа одредени сајтови да се објави некоја афера. При тоа им се даваат некои документи, сајтот тоа го објавува и тогаш почнува аферата. На крај се утврдува дека сето тоа било направено со одредена цел.

Како реагира државата, медиумската заедница?

Насловната страница на “Младина“ со Виктор Орбан: „Европа ја даваме, Орбан не го даваме“

– Хистерично! Секогаш се прави хистерија. Значи ако вие наутро објавите документ со кој тврдите дека некој познава некого, а тој некој друг, цел ден се заокружува приказната, за вечерта да стигне демант дека тоа не е така, бидејќи во Словенија секој секого познава. Но, тогаш, на крајот од денот, никој не знае ништо. Имаше една информација дека мигранти во Германија влегле во зоолошка градина и ја изеле козата. Веста имаше милиони прегледи. Кога потоа стигна веста дека во тоа место воопшто нема зоолошка градина, ниту пак кози, дека тоа не се случило, сто пати помалку луѓе ја кликаа таа вест.

Кој најчесто ги пласира тие вести?

– Тоа што е сега особено застрашувачко е што некој прави такви работи од економски причини. Бидејќи, ако тој има многу кликови, ќе добие и реклами и пари. Тоа не се прави поради убедување, не поради идеологија, туку поради пари. Такви се онлајн-медиумите.

Како е регулирано кај вас, дали постои регулатива која се бори против лажните вести?

– Ние имаме само еден медиумски инспектор за цела земја и е невоможно тој сѐ да стигне да покрие. Затоа, само се зборува дека се прават напори да се прогони тој непријателски говор на омраза од интернет, но никој во Словенија сѐ уште не бил осуден, бидејќи секогаш на крај се заклучува дека тоа се само зборови запишани некаде, дека „нема да се враќаме назад“, како што беше некогаш во Југославија, дека постапувајќи така ќе ја прогониме слободата на говорот. Така, некако како да е дозволено дури и да му се заканувате некому, на некоја група, на националност и сето тоа може да се сокрие зад таа слобода на говорот.

Има ли Словенија закон што го регулира говорот на омраза?

– Имаме закон, меѓутоа, судството е на мислење дека ако не можете да воспоставите директна врска меѓу пишаната реч и казненото дело, тогаш тоа не се гони. Значи, ако вие кажете: „Тие мигранти би ги поставил пред ѕид и би ги стрелал“, судот нема да ве осуди бидејќи ќе рече дека вие тоа само сте го рекле, а немате пушка за да го извршите, односно не е толку сериозно дело за да ве осудат.

Што во меѓувреме, прават медиумските здруженија?

– Медиумските здруженија се во криза, затоа што не знаат со кого да се занимаваат. Членови на медиумските здруженија се новинари од печатените медиуми, додека новинарите кои ги пишуваат лажните вести не се членови на здруженијата. Дури постојат медиуми кои се таблоидни и воопшто не ги признаваат новинарските судови, ни кодекси ни ништо… Едноставно, сѐ е извалкано.

Дали се пишува нешто за Македонија во словенечките медиуми?

– Се пишува, секако. За креаторите на фејк страниците во корист на Трамп и лажните вести се читаше многу, тие беа најмногу присутни во словенечката медиумска сцена. Потоа, кога беше промената на името, кога побегна тој вашиот (Груевски н.з.) кај Орбан. Тогаш ние дури имавме интервју со човек кој објаснуваше како тие разузнавачки податоци се користат во политички цели.

Многу повеќе се пишува за Македонија отколку за Албанија или за Косово или за Црна Гора. „Младина“ за Македонија имаше и насловна страна во минатото, во времето на конфликтот за вода меѓу жителите на Вевчани и Октиси, тоа тогаш беше голема тема.

И каква е сликата за Македонија, која посакува влез во ЕУ?

– Вака ќе кажам – секако дека ние ве поддржуваме во тоа што сакате да влезете во Европската Унија, но бидете внимателни, бидејќи во моментот кога ќе влезете во ЕУ, вашите проблеми тогаш почнуваат. Ова досега, ќе речеме, е основно училиште, е, тогаш кога ќе влезете во ЕУ, тогаш се големите проблеми. Сега вие сами за себе сте суверени, вие си одлучувате за тоа дали ќе го прифатите името или не. Потоа, кога ќе бидете во ЕУ, повеќе нема да одлучувате за некои работи, што ќе ви биде чудно.