Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (РКЕВУ), одреди нова цена на лесното масло за затоплување, познато како „црвена нафта“ – 51,5 денари за литар – откако беше покачена акцизата на ова гориво.
Владата завчера ја измени и дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба, со кои се изедначи акцизата на маслото за греење со акцизата на дизелот.
Со зголемувањето на акцизата, цената на „црвената нафта“, која честопати илегално се користи како замена на дизел горивото, но многу повеќе загадува од него, сега е речиси изедначена со цената на дизелот. ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) чини 52 денари, а екстра лесното масло само половина денар помалку, а во однос на последното зголемување на цените на горивата, кое стапи на сила вчера по полноќ, екстра лесното масло поскапе за над 10 денари за литар.