Фото: Антон Дмитриев on Unsplash

Големи се изгледите дека наскоро Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги повеќе нема да ја има улогата на регулатор на пазарот на електрична енергија, кој влијае врз крајната цена на струјата што ја плаќаат домаќинствата и малите компании, најавува претседателот Бислимоски.

РКЕ во иднина ќе го регулира само тарифниот систем, односно дистрибутивната маржа, а цената на струјата ќе се формира слободно на пазарот кој ќе ја определува набавната цена на мегават-час. Тоа значи дека во иднина РКЕ ќе ја одредува само цената на дистрибуција и пренос, поточно, ќе ги регулира природните монополи (далноводи, мрежите до домовите и слично). Колкав ќе биде тој процент во пресметките за крајната цена, во моментов не може да се прецизира, затоа што ќе зависи од повеќе фактори.

Ова од Северна Македонија го бара подолго време Енергетската заедница, а РСМ како членка, е должна да спроведе целосна усогласеност на нашето законодавство со директивите на ЕУ. Од РКЕ посочуваат дека за таа цел, во тек се измени во Законот за енергетика кои ќе ја определат новата, изменета улога на РКЕ на домашниот енергетски пазар.

„Само уште Северна Македонија, Косово и Србија, од земјите во соседството и пошироко, останаа со регулиран пазар на електрична енергија и тоа мора да се смени“, вели за Мета.мк претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

Тој објаснува дека универзалниот снабдувач на електрична енергија ќе биде должен во пресметката за крајната цена на струјата да го вгради и процентот од маржата.

„Во практика тоа ќе значи дека домаќинствата ќе добиваат две фактури, како што е во многу земји. Едната од снабдувачот со електрична енергија, за потрошената енергија, другата фактура за мрежарина, која се однесува на инфраструктурата на енергетскиот систем“, посочува Бислимовски и додава дека веќе се подготвуваат измени во Законот за енергетика.

„Така е на слободниот пазар“, вели Бислимовски додавајќи дека „тоа што РКЕ ќе влијае само на мрежните тарифи за пренос воопшто не мора да значи дека неминовно ќе се зголеми и цената на струјата за домаќинствата и за малите фирми“.

Сепак, според пресметки на регулаторите, регулираната цена сега изнесува 4,81 денар за потрошен киловат-час, а доколку потрошувачите би излегле на слободниот пазар, тоа би можело да значи зголемување на цените до 30 отсто.

Дистрибутивната маржа сега се пресметува како сума од приход за покривање на оперативните трошоци, поврат на капиталот, трошок за покривање на загубите на електрична енергија, амортизација, даноци и останати трошоци. Најниска цена на маржа од 11,5 отсто, фиксно, на тендерот во 2018 година понуди ЕВН Хоме, како универзален снабдувач со електрична енергија. Таа ќе важи до 2024 година и до тогаш ќе биде вкалкулирана во крајната сума на сметките за струја. ЕВН Хоме е обврзан со овој процент на маржата да си ги покрие давачките за амортизација, загуби, оперативни трошоци, ненаплатени побарувања и слично, и да остави дел за одреден профит.

Во врска со новата цена на струјата и нејзиното евентуално зголемување од август, Бислимоски потсетува дека сѐ уште се анализираат поднесените трошоци од енергетските компании МЕПСО, НЕМО (Националниот енергетски маркет) и Електродистрибуција.

Сепак, колкаво ќе биде конечното зголемување на цената на струјата, ќе зависи од онаа цена што ќе ја постигне ЕВН Хоме на тендерот за набавка на електрична енергија, што треба да се објави во јуни.

Ако се земат само пријавените трошоци од другите компании, без ЕВН Хоме, цената би се зголемила за околу 5 отсто, покажуваат пресметките на РКЕ.

Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Марко Бислимоски, претседател на РКЕ

Бислимоски потсети дека МЕПСО побарал зголемување на цената за пренос од 143 отсто, НЕМО за организирање и управување на пазарот на струја, од 45 отсто, а Електродистрибуција за 0,95 отсто. ЕВН Хоме доставил само барање за маржата. На тендерот што ќе го распише оваа компанија, ЕСМ има обврска да понуди 70 отсто од потребите на пазарот, а другите ќе се набават од увоз. При тоа, цената на ЕСМ не терба да е повисока од увозната цена за мегават-час како што беше во досегашната практика. Во првите 4 месеци од годинава ЕСМ нудел цена од 38,8 евра за мгвч. Инаку, лани ЕСМ влијаела со 42,88 отсто врз крајната цена на струјата, ОИЕ со 7,3, МЕПСО со 3,53, НЕМО со 0,13, Електродистрибуција со 35,91 и ЕВН Хоме со 10,26 отсто.

Во врска со предлозите на РКЕ за намалување на ценовните шокови од промените на цената на струјата врз енергетска сиромаштија, Бислимоски вели дека сѐ уште течат разговорите со работните групи и се разгледуваат предлозите на РКЕ. Меѓу нив се и оние за директно префрлање на државната помош (која сега изнесува 1.000 денари по домаќинство) на сметките на струја, за лицата со ниски приходи.

Оваа иницијатива на РКЕ е од поодамна, но се уште е во фаза на разговори и преговори со надлежните. Бислимоски вели дека до крајот на годината се очекува да се донесат и конкретни решенија.

Во врска со енергетската сиромаштија, тој потсетува дека РКЕ лани имаше и предлог за намалување на ДДВ за струја, од 18 на 5 отсто, по примерот со парното греење, што значително ќе ги намали износите на сметките за граѓаните. Но, тој не беше прифатен од Владата.