Цената за пренос на природен гас ќе се намали за приближно 12 отсто, покажуваат пресметките на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), изјави денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимовски, пред почетокот на подготвителната седница на која се разгледуваат предлог-одлуките за пренос на природен гас на АД ГАМА и три одлуки за дистрибуција на природен гас во Струмица, Куманово и ТИРЗ.

Тоа според Бислимовски ќе значи намалување на трошоците за индустријата, но и за топланите во Град Скопје што ќе има позитивно влијание за намалување на цената за топлинската енергија што ќе ја носи регулаторот во јуни следната година.

– Со намалувањето на цената за пренос на природен гас, РКЕ сака да испрати сигнал за сериозна гасификација на Македонија – рече Бислимовски.

Тој нагласи дека цената за дистрибуција на гас во Струмица и Куманово останува иста, а за ТИР-зоните во Скопје ќе се намали за три отсто.

-На овој начин ќе се намали трошокот за мрежарина за сите компании кои се приклучени на преносната мрежа, како и на дистрибутивната мрежа во ТИР-зоните, а со тоа и нивните трошоци во производниот процес. Ќе предложиме и нов пристап на тарифирање на потрошувачите кои се приклучени на преносната мрежа во сопственост на АД ГАМА, односно сакаме да воведеме различни категории на потрошувачи – појасни Бислимовски.

Toj се надева дека намалувањето на цената за пренос на природен гас и за дистрибуција на гас во ТИРЗ ќе даде силен поттик и до Градот Скопје, кој веќе формираше јавно претпријатие, за сериозна гасификација на градот во 2019 година.

-На пртпријатијата во Струмица и Куманово ќе им предложиме да направат нов начин на тарифирање до крајните потрошувачи со цел да ги намалат колку што е можно повеќе трошоците за природен гас кај домаќинствата, а за индустријата да останат на приближно исто ниво, за да има посериозна гасификација и во овие два града. РКЕ ќе им помогне во текот на јануари да изработат соодветни тарифни модели – потенцираше Бислимовски.

Според директорот на РКЕ, во Струмица и Куманово има стотина домаќинства кои користат природен гас, а со новите тарифни модели се надеваат дека ќе се поттикнат повеќе домаќинства да се приклучат на дистрибутивните мрежи во двата града.