Од ноќеска на полноќ малопродажните цени на бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 се зголемуваат за половина денар за литар, додека малопродажните цени на Еуродизел (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат, односно остануваат на исто ниво утврденo на 1 март 2021, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).

Според одлуката, новите максимални цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: Еуросупер БС-95, 66 денари за литар, Еуросупер БС-98, 68 денари, дизел гориво Еуродизел БС (Д-Е V), 56 денари и масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1), 45 денари за литар.

Се зголемува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС за 0,446 денари за килограм и сега ќе изнесува 35,843 денари за килограм.

Во изминатиот седумдневен период референтните цени на светските берзи во просек бележат зголемување, кај бензинот за 1,397 отсто и кај мазутот за 0,694 отсто, додека намалување има кај дизелот за 0,124 отсто и кај екстра лесното масло за 0,029 отсто. Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е повисок за 0,832 отсто, соопшти РКЕ.

Напоменува дека трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.