Бензинска пумпа

Малопродажната цена на бензините од утре се намалува за половина денар, а цената на дизелот останува непроменета, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).

„Цените на бензините Еуросупер БС-95 и на Еуросупер БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 денари за литар, во однос на одлуката на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт, од 7 април 2021 година. Малопродажната цена на Еуродизел (Д-Е V) не се менува, останува на исто ниво“, соопштија од РКЕ.

Од утре максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: Еуросупер БС – 95- 67 денари за литар, Еуросупер БС -98 69 денари за литар, Еуродизел БС (Д-Е V) 58 денари за литар, Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 57,50 денари за еден литар и Мазут М-1 НС 34,266 денари за килограм.

Намалувањето на малопродажните цени на нафтените деривати во просек е за 0,76 отсто, во однос на одлуката од 7 април.

Во изминатите седум дена, референтните цени на светските берзи во просек бележат намалување: кај бензинот за 1,044 отсто, кај дизелот за 0,121 отсто, кај екстра лесното масло за 0,031 отсто и кај мазутот намалувањето е за 1,2 отсто. Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 0,678 отсто, информираат од РКЕ.