Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги, РКЕ, им препорача на компаниите, вршители на енергетски дејности, како и на јавните претпријатија што се даватели на водни услуги кон граѓаните, во следните две недели да се воздржат од исклучување на граѓаните од системите со струја, топлинска енергија и вода, поради неплатени сметки.

„Имајќи ја предвид одлуката на Владата за превенција од ширење на корона вирусот и пандемијата прогласена од Светската здравствена организација, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ со оваа препорака има за цел да им укаже на компаниите и на јавните претпријатија, чие работење е под надлежност на РКЕ, да покажат хуманост и да се воздржат од активности што би влијаеле врз здравјето на човекот“, стои во соопштението на РКЕ.

„Во вонредната состојба со Ковид-19, на прогласена пандемија од СЗО и одлука на Владата за превенција од ширење на корона вирусот, РКЕ чувствува пред се одговорност, но и обврска за заштита на потрошувачите и затоа препорачува во следните две недели компаниите вршители на енергетски дејности, како и јавните претпријатија што се даватели на водни услуги, да се воздржат од исклучување поради неплатени сметки “ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на Република Македонија.