Во екот на пренесувањето дезинформации, новинарите во Косово тврдат дека сè поголеми се предизвиците за известувањето за настани од регионот.

Професионалците од оваа област тврдат дека медиумите кои немаат присуство на терен низ Балканот треба особено да внимаваат при филтрирањето на информациите што ги објавуваат во форма на вести, но исто така да бидат внимателни и со медиумите од кои ги преземаат вестите.

Повеќекратно наградуваната новинарка-истражувач, Сербезе Хаџиај, која работи како уредник во јавниот радиодифузен сервис на Косово, но и како известувач за Балканската мрежа за истражувачко известување (БИРН), вели дека настаните во регионот се од голем интерес за неа.

Меѓутоа, регионалните канцеларии на БИРН, како што вели, се корисни за обезбедување точни информации и контекст за вести и истражувања, но предизвиците сѐ уште постојат.

„Сепак, ова многу често не помага поради општата состојба во медиумската сфера и борбата вистинската информација да се добие навреме. Исто така, докажано е дека механизмите кои треба да помогнат во добивањето на овие информации, како што е Законот за пристап до јавни податоци  или Народниот правобранител, се неефикасни во подобрувањето на состојбата“, вели таа.

Хаџиај ја истакнува улогата што медиумите кои и служат на некој „агенда“ ја играат во започнување и ширење на пропагандата.

„Главниот извор на лажни вести или ширење на пропаганда се главно медиуми поврзани со групите на власт, но и со опозицијата. Дел од нив се исто така поврзани и со влијателни групи кои генерално доминираат на медиумската сцена“, тврди таа.

Новинарката го критикува начинот на кој генерално функционираат медиумите за кој тврди дека се „неформални бизниси што располагаат со неконтролирани милионски суми“.

Она што според Хаџиај недостасува во медиумската сфера се сериозни анализи на општествените, политичките и социјалните настани.

„На јавноста ѝ се сервираат главно површни и непроверени вести, додека технолошкиот развој и зголемувањето на бројот на онлајн-медиумите ги туркаат медиумите кон културата на таблоидите и го намалуваат бројот на вистински истраги што даваат целосна слика“, заклучува Хаџиај.

Во моментов, во Косово сè уште не се знае точниот број регистрирани медиуми, особено онлајн портали за вести.

„РТВ 21“ е една од трите телевизии кои користат национална фреквенција, вклучувајќи ги „КТВ“ и јавниот радиодифузен сервис „РТК“, кој има подружница во Република Северна Македонија.

Телевизиското известување за регионални прашања додава уште еден слој на потешкотии според Дурим Нитај, известувач за „РТВ 21“.

Тој вели дека „РТВ 21“ во Република Северна Македонија е од огромна помош за пошироко покривање на Балканот за публиката на Косово.

„Многу е тешко кога треба да се соочиш со вести од регионот, а немаш луѓе на терен. Уште потешко е кога нема соработка со медиуми  од доверба во соодветната земја“, вели Нитај.

Тој наведува дека ова ги обврзува новинарите да прават компаративни анализи на различни извештаи од различни медиуми од регионот.

„Ризикот од лажни вести е секогаш присутен. Притисокот да бидете први што ќе известат, честопати предизвикува ширење на лажни вести или пак споделување наполу точни информации. Ова се случува ако се потпрете на сомнителни медиуми или немате веродостојни извори за новата вест“, тврди тој.

Професионалната војна против „лажните вести“

Покрај тоа што се честопати употребувани од политичарите, чија мисија понекогаш е да ги дискредитираат медиумите, против лажните вести се борат и стручните лица на терен.

Фатон Исмаили, асистент на Одделот за новинарство при Универзитетот во Приштина „Хасан Приштина“ ја наведува важноста за обучувањето на новинарите и уредниците како да се борат против дезинформациите.

Тој потенцира дека ризикот од дезинформации се зголемува при известување за чувствителни теми на Балканот.

Исмаили ги советува медиумите да ги обучуваат своите вработени како да идентификуваат лажни информации.

„Со цел да се елиминира ширењето на лажни вести, новинарите треба дополнително да се обучуваат и едуцираат за да не станат жртви на таков вид информации. Покрај обуките на новинарите, медиумите треба да ја интензивираат нивната претпазливост и во другите филтри, како што е тимот уредници, кои би вршеле филтрирање на вестите и не би се објавувале вести кои не ги содржат потребните извори“, заклучува тој.

Професионалните медиуми во Косово исто така се обидуваат да се разликуваат од онлајн порталите за вести кои објавуваат непроверени и честопати лажни вести.

KALLXO.com, онлајн истражувачки медиум (формиран од БИРН и Internews Kosova) отвори дел за проверка на факти што се вика „KRYPOMETRI”, во кој, покрај јавните изјави, се „мери“и вистината на медиумските објави.

Во своите написи тие ги споменуваат медиумите што пренесуваат вести за лажни пожари или лажни жртви, а исто така и дезинформации за разни судски случаи.

(Авторката Дорунтина Балиу е новинарка и уредник во БИРН, Косово)