fbpx

Рибарев: Интензивна, брза и успешна штипска и „штапска“ кариера

-

Новиот в.д. претседател на Кривичниот суд, Стојанче Рибарев, по поминати одвај шест месеци како судија на Врховниот суд, се најде во жешкото претседателско столче на Кривичниот суд, односно во Основниот суд Скопје 1, каде се процесуираат предметите на Специјалното јавно обвинителство.

Штипскиот судија, кој во улога на претседател ќе менаџира со најважните кривични предмети, во целата своја судиска кариера работел на граѓански предмети.

Рибарев има интензивна и успешна кариера во македонското судство. Во неговата биографија стои дека само една година откако е избран за судија во Основниот суд за граѓанска материја, во 1997 година станува претседател на овој суд. Три години подоцна, во 2000 година, станува член на телото што ги избира и ги разрешува судиите, Судскиот совет.

Неговото искачување по судското скалило е во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ со Љубчо Георгиевски, кога координатор на партискиот општински комитет и шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) во Штип е венчалниот кум на Рибарев, Пане Велев. Велев подоцна починал од инфаркт, на одмор во Грција.

По завршувањето на мандатот во Судскиот совет во 2002 година, Рибарев се враќа во Штип, но како судија во повисокиот, Апелациски суд, во граѓанскиот оддел. Во 2008 година, по пензионирањето на судијката Македонка Поп-Картова, Рибарев станува претседател на штипскиот Апелациски суд. Таму останува до изборот за судија во Врховен суд, во септември 2016 година.

Откако станал претседател на Апелација, наводно прилично ги затворил комуникациите со адвокатите и истиот режим им го наметнал на апелациските судии, па иако дотогаш адвокатите порано се среќавале со судиите, подоцна такви средби биле сè поретки.

Во меѓувреме, во 2011 година, неговата сопруга Лидија Рибарева станува еден од најангажираните нотари во градот. Преку нејзината нотарска канцеларија се заведуваат највредните имоти, како и имотите на ВМРО-ДПМНЕ во Штип. Таа не сакаше да го коментира изборот на нејзиниот сопруг.

Функционерите на високите судиски позиции со судиите од Штип, се вртат во ограничен круг. Списокот е кус и се сведува на само неколку судии и обвинители кои ги држат претседателските места и местата по повисоките судски институции. Тодор Витларов, Ружа Папарова, Стојанче Рибарев и Мирјанка Гоцевска-Стефановска се четворката што ги поминува највисоките судски институции во државата. Витларов од Совет на јавни обвинители се врати во Вишото јавно обвинителство во Штип, Папарова го наследи Рибарев во Судскиот совет, па се врати во Апелацискиот суд. Гоцевска-Стефановска по изминувањето на мандатот во Управниот суд, кратко се врати во Апелацискиот суд, па во Судскиот совет. Постојано се споменува дека за тој круг влијание има и Филимена Маневска, која е родена штипјанка и која пред осум години замина во пензија од функцијата судијка во Апелацискиот суд во Скопје. Меѓу штипските „урбани легенди“ е и онаа дека со помош на Рибарев, Маневска со денационализацијата си има вратено многу имот и земја и во Штип и во селото од каде потекнува.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...