fbpx

Ревизорите утврдија дека клучните инфраструктурни проекти се градат споро и со бројни проблеми

-

Според заклучокот од Конечниот извештај кој денеска го објави Државниот завод за ревизија (ДЗР), во кој се анализира застојот и бавната динамика на работите на 11 стратешки инфраструктурни проекти во земјава, трошоците за проектите се зголемени поради повисока цена на чинење на изградбата од првично планираната, како и поради споредни трошоци. Дополнително, некои од договорите за капиталните проекти, како што се оние за Коридорите X и VIII, сe раскинати.

Фото. Државен завод за ревизија

Со ревизијата се констатира дека финансиското работење на ЈП ЖРСМ Инфраструктура е со загуба и недостиг на финансиски средства во подолг период, што негативно влијае врз навремената реализација на стратешките проекти и сервисирање на долгот по договорите за заем.

Проектите на ЈП ЖРСМ Инфраструктура се отпочнати во периодот 2012-2014 година и истите се во застој, не се довршени, а од 2018-2019 година степенот на реализација во просек е само 1% на месечно ниво и во 2019 и 2020 година договорите за Коридор X и VIII сe раскинати.

Фото. Државен завод за ревизија

Во период на вршење на ревизијата, како што соопшти ДЗР, во тек беа евалуации за избор на нови изведувачи за Коридор X и VIII, при што во текот на јули годинава Владата ги потпиша договорите со новите изведувачи за продолжување на реализацијата на проектите на Коридорите X и VIII.

Покрај во делот на железничката инфраструктура, со ревизијата опфатени се и други проекти во земјава, за кои се создадени трошоци во износ од 58 милиони евра кои се однесуваат на еднократна провизија, камата за повлечени средства и провизија за неповлечени средства.

Ревизорите утврдија дека кај субјектите кои се надлежни за реализација на проектите, проектната документација не е резултат на системски, технички, економски и финансиски анализи.

Имено, склучени се договори за изградба во износ од 12.856.639 илјади денари, чија вредност е зголемена на 15.354.883 илјади денари поради признавање на дополнителни и непредвидени работи.

Со анализа на приходите на ЈП за државни патишта ДЗР утврди дека приходите се помали од вредноста на вкупните инвестиции на годишно ниво, освен за 2020 и 2021 година, што предизвикува неизвесност во реализацијата на инвестициите во патната инфраструктура.

Најлоши се податоците за автопатот Кичево – Охрид за кој има два заема. Еден од нив изнесува 505 милиони долари и еден од 179,7 милиони долари, односно вкупно – 684,7 милиони долари. Досега се повлечени 382,6 милиони долари, што донеле разни трошоци од дури 38,6 милиони долари.

Според ДЗР, програмата за национални патишта која опфаќа повеќе патни правци во државата, а како што беше соопштено и од Владата, се реализира за подобрување на квалитетот на патната инфраструктура во државата. Сепак, земениот заем за Програмата е 180 милиони евра, од кои се повлечени 90,7 милиони, а направените трошоци се 7 милиони евра.

Трет од 11 проекти е заемот од 145 милиони евра за изградба на нова и за реконструкција на стара делница од пругата Бељаковце до Крива Паланка, за што се позајмени 145 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, а се повлечени само 10 проценти од парите, односно 1,45 милиони евра и со тоа се направени огромни трошоци од 6,4 милиони евра.

Со извршената ревизија констатирано е дека во управувањето со јавни инвестиции отсуствува системска правна рамка, постапки и процедури, надлежни институции и дефинирани индикатори за систем за мониторинг и надзор на спроведувањето на јавните инвестиции, што придонесува за ненавремено преземање на корективни мерки.

Исто така, како што истакнаа од ДЗР, главните проекти се следат на децентрализиран начин, за кои не постои сеопфатна слика за напредокот во имплементацијата.

Регулативата од областа на градење во целост не придонесува за ефикасна
имплементација на проектите по меѓународни FIDIC услови за градба, а склучените договори за изградба според меѓународните FIDIC услови предизвикуваат дополнителни трошоци и ризици од дополнителни побарувања од изведувачот, ризик од раскинување на договорите и меѓународна арбитража.

Кај проектите има отстапувањата на градбата од основниот проект и се
признаени дополнителни и непредвидени работи во текот на градбата.

Дополнително, ДЗР увиде дека одобренија за градба за линиски инфраструктурни проекти регулирани во Законот за градење се издадени со нерешена експропријација и поради комплексната постапка за утврдување на надоместокот за експропријација, како и постапката за одобрување на проекти за инфраструктура, влијаат на степенот на реализација, односно резултираат со бавна динамика и застој на проектите.

Од ДЗР нагласија дека дадени се препораки во функција на подобрување и унапредување на целокупниот процес на управување со јавните инвестиции, со цел надминување на наведените состојби, ефекти и резултати.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...