Фото: Арбнора Мемети

Иако претставуваат позитивен чекор, со преземените активности во изминативе три години не се постигнати утврдените цели и посакуваните ефекти во однос на намалување на загадувањето на воздухот, заклучил Државниот завод за ревизија (ДЗР) во Конечниот извештај за извршена ревизија за следење на препораките што ги дале ревизорите во 2018 година на тема „Квалитет на воздухот – кооперативна ревизија“.

„Надзорот и контролата се на ниско ниво, а сè уште многу мал дел од буџетските средства на централно и локално ниво се издвојуваат за реализирање на мерките содржани во планските документи, поради што истите во најголем дел остануваат не спроведени“, наведуваат државните ревизори.

Од десетте дадени препораки во 2018 година, досега само една препорака е спроведена, три препораки се во тек на спроведување, четири препораки се делумно спроведени и две препораки не се спроведени.

ДЗР утврдил дека институциите кои се главни носители за креирање и спроведување на политиките за подобрување на квалитетот на воздухот на централно и локално ниво и понатаму се соочуваат со недостиг на соодветен, постојан и стручен кадар.

„Предложени се измени и дополнувања на Законот за квалитет на амбиентниот воздух, кои треба да овозможат преземање брзи и ефикасни мерки, лоцирање на одговорноста и соодветни казни за неспроведување на мерките предвидени во планските документи за подобрување на квалитетот на воздухот“, се наведува во Ревизорскиот извештај.

Воедно, ревизорите велат дека до март 2021 година треба да се воспостави Национален информативен систем за животна средина, што треба да обезбеди интегриран систем и пристап до податоците за воздухот, водата и почвата.

„Од вкупниот број надзори во 2017, 2018 и 2019 година, и понатаму незначителни 1 отсто извршени се по Законот за квалитетот на амбиентниот воздух“, критикуваат од ДЗР и дополнуваат дека треба да се донесе Предлог Законот за инспекција во животната средина и да се имплементира методологијата за проценка на ризик при вршење на инспекција.

Средствата кои се издвојуваат за финансирање на мерките во планските документи на централно и локално ниво не се доволни за намалување на загадувачките супстанци, велат државните ревизори.

Воедно, најголем дел од општините каде нивоата на загадувачки супстанци ги надминуваат граничните вредности немаат изготвено планови за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух.

„И понатаму, не е обезбедена целосност на податоците за Катастарот на загадувачи од причина што повеќе од 50 отсто од операторите кои поседуваат А и Б интегрирани еколошки дозволи немаат доставено податоци“, алармираат од ДЗР.

За сите овие и други нецелосно спроведени, неспроведени или препораки во фаза на спроведување, државните ревизори им издадоа насоки за надминување на постојните состојби на Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина и општините.