Ревизорите открија: постојната депонија во Свети Николе се пали и ја загадува околината

Бројните неправилности во функционирањето на општинската депонија во Свети Николе и непостоењето на систем за селекција на отпад во оваа општина доаѓаат во период кога општинското раководство во Свети Николе се спротивставува на изградбата на современата регионална депонија по стандардите на ЕУ

Активен пожар на општинската депонија во Свети Николе фотографиран од ревизорите; Извор: Ревизорски извештај за ЈКП „Комуналец“ на Државен завод за ревизија

Општина Свети Николе веќе подолго време се противи на изградбата на современа регионална депонија по европски стандарди на нејзината територија, а во меѓувреме Државниот завод за ревизија откри дека постојната општинска депонија е надвор од било какви стандарди за управување со отпадот.

Ревизорите извршиле увид на лице место на постојната депонија „Мавровица“ во Свети Николе, при што е утврдено дека имало активен пожар на депонијата, не била поставена стражарска куќичка и рампа на влезот на локацијата, не бил ограден просторот покрај пристапниот пат до платото на депонијата, ниту пак бил саниран самиот пат што води до постојната депонија.

„Извршивме увид на депонијата и констатиравме дека планираните активности согласно годишната програма не се реализирани. Исто така при теренски увид на депонијата воочивме активен пожар што има лошо влијание на животната средина и здравјето на луѓето што не е во согласност со член 70 од Законот за управување со отпад“, се вели во Конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година на јавно комунално претпријатие „Комуналец“ Свети Николе.

Ревизорите во официјалниот документ даваат конкретни препораки на јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Свети Никола, и тоа: да се реализираат планираните активности согласно годишната програма на ова претпријатие, но и да се интензивираат активностите околу воспоставување на интегриран систем за управување со отпадот во Источниот и Североисточниот регион, што вклучува изградба на централни и локални капацитети за управување со отпадот, како и регионална депонија.

Иако ревизорите утврдиле дека моменталната исполнетост на општинската депонија во Свети Николе е од 35 до 40 отсто, сепак таа не ги исполнува ниту основните стандарди од националната и ЕУ регулативата за нејзино нормално функционирање.

Воедно, во ревизорскиот извештај како еден од недостатоците во работењето на ЈКП „Комуналец“ од Свети Николе се наведува дека создадениот отпад не се селектира, не се врши мерење на изнесениот отпад и не е воспоставена соодветна евиденција. Притоа, ревизорите утврдиле дека останале околу пет населени места на општинско ниво од каде што не е организирано собирање и транспортирање на отпадот, што пак има влијание врз создавањето диви депонии.

„На ниво на општина не е воспоставен систем на селектирање на создадениот отпад како еден од предусловите за намалување на количината на истиот, а во функција на заштита на животната средина што не е во согласност со член 44 од Законот за управување со отпадот и член 63 од Законот за управување со отпадот 11 што има влијание на заштита на животната средина“, стои во ревизорскиот извештај.

Ревизорите констатираат дека сето ова влијае врз загадувањето на животната средина и претставува ризик по здравјето на луѓето во Свети Николе, а непоседувањето соодветни дозволи ја доведува во прашање способноста и одговорноста на ЈКП како давател на услуги во вршење на неговата дејност.

Иако општината се противи, современа депонија ќе се изгради до 2026 година

Од Министерството за животна средина и просторно планирање викендов најавија дека регионалната депонија за Источен и Североисточен регион ќе биде изградена во близина на селото Мечкуевци, Општина Свети Николе до 2026 година.

Само мешаниот отпад, односно компост, ќе завршува на регионалната депонија што ќе биде лоцирана кај светиниколското село Мечкуевци. Ана Каранфилова, раководител на Секторот за управување со отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање викендов изјави дека сите 18 општини отпадот ќе треба го селектираат и на тој начин селектиран ќе се преработува.

„Она што е селектирано ќе оди директно за преработка кај правни лица кои имаат дозвола за вршење на таа дејност во зависност од типот на селектираниот отпад, а само она што ќе заврши како мешан отпад ќе оди на централната постројка. Ќе има линија за секундарна селекција“, изјави Каранфилова.

Инаку, Министерството за животна средина и просторно планирање минатиот месец ѝ ги одзеде ингеренциите на Општина Свети Николе и градоначалникот Дејан Владев за управување со јавното претпријатие кое треба да управува со идната регионална депонија и шесте претоварни станици. Ваквата државна одлука доаѓа откако градоначалникот Владев и општинскиот совет не ја прифатија локацијата кај Мечкуевци за изградба на регионалната депонија и де-факто ја блокираа постапката за оформување на јавното меѓурегионално претпријатие, а со тоа и индиректно распишувањето на тендерот за нејзина изведба.

Министерството за животна средина ги одзема ингеренциите на Општината Свети Николе за регионалната депонија за отпад

Од Министерството очекуваат тендерската постапка за избор на компанија да заврши до крајот на годинава, а од наредната да се започне со градба. Информираат дека урбанистичко-планската документација за современата депонија е изработена и е во фаза на проверка во МЖСПП, по што ќе се достави на одобрување во Министерството за финансии и Делегацијата на Европска унија, со што ќе се создадат услови за распишување тендер.

Проблемот со одолговлекувањето на изградбата на регионалната депонија поради негативниот став на Општина Свети Николе постана и национален, откако Европската комисија во Извештајот на реформскиот напредок на земјава кон ЕУ во 2022 година наведе јасна насока до македонските власти годинава да се посветат на спроведување на мерките за воспоставување на регионален систем за управување со отпад, особено во Источниот и Североисточниот регион.

Мета факт: Безброј датуми и неостварени ветувања за регионалната депонија во Свети Николе

Финансиските средства за изградба на современата депонија за Источен и Североисточен регион се обезбедени преку ИПА 2 програмата на ЕУ и истите претставуваат неповратен грант во износ од околу 40 милиони евра. Оваа регионална депонија во близина на овчеполското село Мечкуевци ќе треба да опслужува околу 370.000 жители од двата региона и би имала вкупен капацитет да прими 900.000 метри кубни отпад.