Поради слабости во системските контроли и службената размена/преземање на податоци по службена должност за 2024 година, државните ревизори откриле дека 235 корисници неосновано стекнале, односно користеле права од социјална заштита и пензија, во висина од 14,5 милиони денари, пишува во ревизорскиот извештај „Исплата на права на парична помош од социјална заштита“ кај Министерството за социјална политика, демографија и млади. Како што се наведува, 10,7 милиони денари биле исплатени на 190 лица по основ на гарантирана минимална помош, 426.000 денари по основ на траен надоместок (на 5 корисници), како и 3,3, милиони денари по основ на правото на
социјална сигурност на старите лица кај 40 корисници, за правото на социјална сигурност на стари лица.
„Кај правото на социјалната сигурност за старите лица утврдивме 11 корисници кои го оствариле правото без исполнување на условот за возрасната граница и по тој основ неосновано исплатени се 3,2 милиони денари. Дополнително, кај 12 корисници во интегрираниот информациски систем не се прикажани податоци дека невработеното лице користи паричен надоместок заради невработеност, поради што не се донесени решенија за престанок или намалување на износот на гарантираната минимална помош и по овој основ утврдивме неоснована исплата во износ од 740 илјади денари“, се наведува во извештајот на ревизорите.
Во исто време тие утврдиле и дека постојат слабости во постапката за враќање на неосновано исплатени средства, поради недостиг на јасни насоки и отсуство на евиденција за системско следење на наплатата, што влијае врз ненавремена и нецелосна наплата на побарувањата.
„Целокупната документација, поднесоци, изјави и записници поврзани со постапките за остварување и користење на правото на парична помош од социјална заштита, за корисникот и членовите на неговото семејство/домаќинство, треба да се преземаат од воспоставените електронски бази на податоци или да се скенираат и да бидат составен дел од електронското досие. Утврдивме дека не сите ЦСР доследно ја спроведуваат оваа обврска, односно дел од нив не ја скенираат и не ја прикачуваат целокупната релевантна документација во електронските досиеја на корисниците. Во одредени центри за социјална работа утврдивме дека ниту хартиените досиеја не ја содржат целокупната документација, односно недостигаат докази за прибавените податоци по службена должност“, пишува во документот.
Ревизорите утврдиле дека трендот од 2022 до 2024 година, покажува зголемување на бројот на корисници и исплатени средства кај повеќето права од парична помош од социјална заштита.

„Имено, бројот на корисници на гарантирана минимална помош благо се намалил за околу 5% (од 36.198 на 34.319), а исплатите кај ова право пораснале за 10%. Најизразен пораст е забележан кај надоместокот за помош и нега од друго лице, каде бројот на корисници се зголемил за 17% (од 47.118 на 55.230), а исплатите се зголемиле за 45%. Исплатите за надоместокот за попреченост се зголемиле за 35%, а бројот на корисници расте за 7%“, пишува во извештајот.
Исплатата на правата на парична помош од социјална заштита е одговорност на раководството на Министерството за социјална политика, демографија и млади застапувана од Фатмир Лимани, министер од 24.06.2024 година, Ѓоко Велковски, министер од 29.01.2024 година до 23.06.2024 година и Јована Тренчевска, министерка од 17.01.2022 година до 28.01.2024 година.
