Неповолно или воздржано мислење изразиле ревизорите за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за работењето на Општина Гостивар во 2018 година, пишува „Порталб.мк“ како продолжение на сите досега објавени ревизорски извештаи за работењето на локалните власти.

Ризик од исплати на средства врз основа на непотпишани и неодобрени сметководствени документи, нецелосен и неквалитетно извршен попис кој се однесува на земјиште, градежни објекти, материјални средства, доделување на средства на спортски клубови на барање на клубовите без спроведена постапка за финансиска поддршка и јавно објавен конкурс се дел од наодите што ги нотира државната ревизија во извештајот за работењето на Општина Гостивар.

Еден од позначајните и стратешки проекти за Гостивар, спроведен преку задолжување во домашна банка во износ од скоро 390.000 евра е изградбата на мост над реката Вардар во Гостивар.

„Со увидот во документацијата се констатира дека економските оператори имаат доставено гаранција за понудата од три проценти додека банкарската гаранција за квалитетно извршување на работите од 10 проценти со избраниот понудувач не беше презентирана што не е во согласност со член 48 од Законот за јавни набавки,“ се наведува во ревизорскиот извештај.

За извршените работи наплатени биле средства во износ од 273.000 евра со ДДВ за обврските по првиот и вториот градежен зафат кои опфаќаат 60,85 проценти од вредноста на договорот. Третиот градежен зафат во износ од 102.000 евра не е исплатен, додека за четвртата и петтата завршна ситуација има спор, односно не се потпишани од страна на Надзор поради неквалитетно извршените работи.

Во април 2017 година со присуство на претставници на општината, на изведувачот и Надзорниот орган на лице место било констатирано дека забелешките немале влијание врз статичната и динамичката стабилност на објектот, со што мостот се става во времена употреба со обврска да се отстранат забелешките во даден рок.

„Во април 2017 година мостот над реката Вардар во Општина Гостивар е пуштен во употреба иако не е извршен технички преглед на градбата што не е во согласност со одредби од Законот за градење. Во тек е судска постапка во која Општината е тужена од страна на изведувачот поради неплатен долг. Поради тоа што станува збор за судска постапка која се води пред надлежните судови, до денот на ревизијата конечниот исход од истата не се познати“ – заклучуваат ревизорите и предупредуваат дека без технички прием и одобрение за употреба може да дојде до непредвидени ризици по градбата но и по лицата кои ја користат.