Ревијално прикажување на победниците на „Галичник Филм Фестивал“ во Скопје в петок

„Галичник Филм Фестивал“, кој се одржа од 5 до 8 август, ја возобнови филмската традиција во Галичник, стара дури еден век.  Во текот на четирите дена, публиката составена од староседелци и дојденци од сите генерации, можеше да следи краткометражни филмови и музичка програма на Упија.

Оние кои не можеа да ги проследат фестивалските проекции, ќе може бесплатно да ја гледаат ревијалната програма, со почеток во 11 часот в петок, во Europe House во Скопје.

Во ревијалната програма ќе бидат проектирани:

– „Налепница“, Добитник на Гранд при на Галичник Филм Фестивал, како и на Најдобар актер, доделена на Сашко Коцев за улогата на Дејан;

– „Ана“ , Најдобар филм на Галичник Филм Фестивал, воедно номиниран и на Канскиот филмски фестивал во главната програма;

– „Заедничка градина“, Најдобра кинематографија на Галичник Филм Фестивал;

– „Кожа“, Најдобра режија на Галичник филм фестивал, воедно добитник на Оскар за краткометражен филм;

– „Само една смрт до љубовта“, Најдобар анимиран филм на Галичник Филм Фестивал;

– „Битка“, Најдобар документарен филм на Галичник Филм Фестивал, воедно номиниран на ИДФА.

Дополнително, од страна на жирито во состав Митко Панов, Игор Ангелов и Андреј Волкашин во рамките на фестивалот беа доделени и следните награди: Номинираниот за Оскар, „Собата за писма“ доби награда за Најдобро сценарио, а „Ѕвезда што паѓа“ се закити со награда за Најдобра актерка за Маргарита Бушард во улогата на Клое. „Дора“ и „Бледиот светец“ се закитија со Специјално признание на Галичник Филм Фестивал.

Фестивалот годинава се одржа во соработка со Агенцијата за филм на Северна Македонија и Делегацијата на Европската Унија во Скопје.