Ретроспектива: Студентскиот стандард и високото образование во 2022 година

Момент од студентските протести пред Собранието кон средината на ноември | Фото: Мета.мк

Преку гласни реакции на неправдите, преговори со државата и краткотрајни протести, македонските студенти годинава успеаја да го одбранат она што им следува и што некој сакаше да им го одземе и да го заштитат од дополнително пропаѓање кревкиот студентски стандард погоден од економската криза. Високото образование 2022 година ја завршува со најави за подготовка на нов закон кој треба да помогне во подобрување на стандардот на студентите и во зајакнување на квалитетот на образованието, кое, од друга страна, корупцијата продолжува да го еродира.

Мета.мк потсетува на најзначајните теми и настани што ја одбележаа изминатата 2022 година за студентите во Северна Македонија.

Студентите не останаа без субвенциониран студентски оброк

Мерката со која државата им субвенционира оброци на студентите и која беше воведена во 2021 година се соочи со низа препреки на почетокот од академската 2022/2023 година. Иако имаа цело лето, измените на законот со кои требаше да се овозможи субвенционираниот студентски оброк да продолжи да се исплаќа и годинава никако не можеа да стигнат до собраниска седница, а кога конечно се најдоа на дневен ред, наидоа на гласни реакции од студентите и академската заедница.

Во измените што пратениците во македонското Собрание требаше да ги изгласаат се предвидуваа далеку построги критериуми од оние во првиот закон за субвенциониран студентски оброк. Така, без средства за оброк за малку ќе останеа студентите што земаат државни стипендии, апсолвентите и оние што имаат помалку положени испити.

Пратениците веднаш најавија дека ќе го повлечат предложениот закон и дека ќе остварат средба со студентите за решавање на проблемот. Додека формалните студентски претставници и студентските организации беа на средба со државните институции во Собранието, пред законодавниот дом протестираа десетици студенти организирани во движењето наречено Студентски отпор. Средбата заврши со договор, според кој критериумите кои наидоа на негодување се повлекуваат и ќе важат условите што студентите требаше да ги исполнуваат и минатата година. Беше договорено и оброкот за почеток да се исплаќа како и минатата година со тоа што студентите ќе ги добиваат средствата на месечно ниво на своите трансакциски сметки, а веќе од март да почне да се применува системското решение. Студентите прифатија износот на субвенцијата за почеток да остане 120 денари дневно, но добија ветување од министерот за образование и наука Јетон Шаќири дека од март ќе добијат повеќе средства.

Два и пол месеца од почетокот на академската година, студентите конечно ја добија првата исплата за субвенциониран студентски оброк. На нивните сметки легнаа средства во износ од 6.480 денари, пари со кои треба да купуваат здрави оброци, но кои, како и минатата година, очигледно ќе бидат потрошени и за други цели и намени.

Илустрација: Мета.мк

Тромавоста на институциите и годинава се покажа на дело – Министерството за образование и наука (МОН) задоцни со исплата на првите средства за оброк, а студенти од неколку високообразовни установи во земјава останаа и без овие пари само поради тоа што нивните факултети не нашле време да ја достават потребната документација до МОН.

До март студентите треба да добијат уште три исплати на субвенциониран оброк пред да почне да се применува системското решение како што беше најавено. Дотогаш претставници на студентите ќе присуствуваат на работните средби во МОН за да ја контролираат подготовката на оброкот и да придонесат кон градење на финансиската мерка според нивните потреби. Државата има доволно време да го подготви системот за спроведување на оваа мерка како што беше предвидено во 2020 година според примерот на Словенија, но имајќи го предвид досегашното искуство, не се исклучува можноста институциите неподготвено да го дочекаат март и повторно да носат одлуки во „5 до 12“.

Размрдување на студентскиот активизам

Обидите на државата да го ограничи правото на оброк ги обедини студентите и го разбуди активизмот по две пасивни години поминати во ковид-пандемија. Марширајќи по повод 17 ноември, Меѓународниот ден на студентите, младите упатија порака дека се тука да го кренат гласот за студентскиот стандард да не биде „под сите стандарди“. Маршот беше организиран од страна на универзитетските студентски собранија на државните и приватните универзитети, движењето Студентски отпор и од уште неколку студентски организации.

Откако одржаа минута молк за, како што рекоа, смртта на студентскиот стандард, студентите оставија и жолти картони пред зградата на МОН.

Незавидната состојба на студентите не пропуштија да ја искористат политичките партии, кои, во обид да им се додворат на младите, понудија свои, помалку или повеќе, возможни решенија на студентските проблеми.

Отежнатата финансиска ситуација поради кризата по ковид-пандемијата и руската агресија врз Украина, оправдано се наоѓа на врвот на кулата од предизвици со кои се соочуваат студентите денес.

Фото: Мета.мк (17.11.2022)

Освен зголемените цени на прехранбените производи, студентите се соочуваат и со поскапени автобуски билети за меѓуградски превоз. Поради зголемувањето на цените на горивата, повеќето автобуски превозници не само што ги покачија билетите, туку ги укинаа и попустите со кои студентските билети беа поевтини од редовните. Сега, кога цените на горивата се стабилизираа, дел од превозниците повторно воведоа студентски билети, но повеќето ги задржаа високите цени.

Повисоките стипендии ќе важат за сите студенти

Уште една извојувана победа за студентите. Покачените стипендии од чие право беа исклучени некои студенти, на крај сепак ќе важат за сите. По неколкумесечен процес проследен со онлајн петиција, директни барања до институциите и утврдена индиректна дискриминација од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), државата се согласи на ниту еден студент да не му биде ускратено правото на повисока стипендија.

Стипендиите кои беа покачени во 2021 година важеа само за новите апликанти, додека студентите што правото на стипендија го имаа остварено во претходните години, продолжија да ги земаат старите и двојно пониски суми. За ова над 8.000 студенти потпишаа онлајн петиција, а КСЗД се закани со прекршочна пријава поради непостапувањето на МОН и Владата откако комисијата утврди индиректна дискриминација во државната политика на стипендирање.

Од МОН за Мета.мк минатиот месец известија дека се обезбедени буџетски средства за доисплаќање на стипендиите на оние студенти кои беа оштетени минатата година и дека откако ќе биде префрлен проектираниот износ во буџетот на министерството, ќе следи и исплатата за студентите и учениците која ќе се одвива ретроактивно.

Корупција, дискриминација и нарушено ментално здравје

Потребата од повисок студентски стандард, подобри услови во студентските домови и дигитализација на образованието беа само „кајмак“ на барањата на студентите изминатава година. Под површината се наталожени и други проблеми кои го кочат напредокот и развојот на студентите во земјава, меѓу кои и корупцијата, нееднаквоста и нарушеното ментално здравје.

Мета.мк преку серија текстови известуваше за случајот со професорка на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер (ФДТМЕ) во Скопје, која ги условувала студентите да ја купат нејзината книга лично од нејзе ако сакаат да положат и да добијат потпис за редовност.

Анкетата што ја спроведовме покажа дека над 30 отсто од студентите досега се соочиле со вакви условувања од страна на нивни професори, што укажа на еден од облиците на корупција во академската заедница.

„Борбата против корупцијата не е само борба на студентите и сметам дека таа борба е на многу повисоко ниво и во неа мора да се вклучи самата држава, заедно со своите тела – со МОН, но и со УКИМ, бидејќи главниот проблем овде е самото лоцирање на тие случаи. Треба да се отпочне од фазата на лоцирање на тие случаи како оној на ФДТМЕ. Сметам дека мора јавно да се говори на таа тема, а потоа активно да се премине кон изнаоѓање соодветно решение, каде УСС би се вклучил во целиот тој процес, бидејќи студентите се тие што ги трпат последиците, а ние сме тука да ги заштитиме нивните права“, рече во интервју за Мета.мк претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Славчо Темелковски.

Во друга анкета на Мета.мк, над 91 отсто од студентите побараа психолошки советувалишта на факултетите кои во моментов ги има само на неколку високообразовни установи.

Истражување на Младинскиот образовен форум (МОФ), пак, покажа и дека една третина од студентите во земјава во одреден момент се соочиле со дискриминација на државните факултети и универзитети, а само 6,6 отсто пријавиле дека биле жртви на дискриминација.

Дигитализација – скап процес, скромен буџет

И понатаму останува потребата за дигитализација на административниот и образовниот процес на првиот и најголем универзитет во земјава – УКИМ, но и за зајакнување на постоечката дигитална инфраструктура. Токму овој универзитет во неколку наврати беше мета на хакерски напади. „iKnow“ системот повеќе пати беше недостапен поради ДДоС напади за кои виновникот остана непознат за јавноста, а преземена од хакери беше и официјалната Фејсбук страница на универзитетот каде извесно време се објавуваа несоодветни содржини.

Во повеќе наврати паѓаше и сајтот на МОН, кој во септември, среде низа конкурси и потреба од информации за студентите и учениците, остана неактивен дури две недели. Одговорност не беше посочена, а министерството најави дека ќе мигрира на нова и посигурна платформа.

Дигитализација беше најавена и при процесот на вселување на студентите во студентските домови под надлежност на Државниот студентски дом „Скопје“, што во септември и октомври не се случи, па студентите и годинава со часови чекаа во долги редици за вселување во домовите. На крајот од годинава, ДСД „Скопје“ конечно објави повик за студентите во домовите да аплицираат за долгонајавуваната Студентска картичка, која, и покрај тоа што требаше да биде бесплатна, студентите ја платија 300 денари.

Нов закон за високо образование

Во меѓувреме, започна подготовката на нов закон за високо образование. Министерот Јетон Шаќири пред неколку месеци започнал иницијатива за ова прашање, но МОН досега не соопшти детали околу тоа што точно ќе се менува, иако информираа дека експертска група ги анализира доставените предлози. Независниот академски синдикат (НАкС) реагираше дека измените што се подготвуваат се вршат нетранспарентно. Во интервју за Мета.мк, професорот Атанас Кочов од Машинскиот факултет рече дека е потребен нов закон во кој приоритет ќе бидат студентите и научните истражувања поддржани од Европската Унија (ЕУ).

На почетокот од следната година останува да се види какви сè новини се предвидени во предлог законот за високо образование.

Сојузот на синдикати на УКИМ неколку пати годинава побара средба со државата за обезбедување на достоинствена плата за вработени на универзитетот. На крајот од годинава нивните барања се исполнија и беше соопштено дека ќе добијат значително повиско плати со цел подобрување на материјалната положба. Колективниот договор ќе почне да се применува во 2024 и 2025 година.

Од останатите случувања поврзани со високото образование и студентскиот стандард изминатава година може да се издвои одлуката на државата да ги ослободи од партиципација за студирање лицата со попреченост, лицата со статус деца без родители и родителска грижа, невработените родители на деца и лицата со статус воени инвалиди.

Во меѓувреме, УКИМ продолжи да тоне на ранг-листата на 2.000 најдобри универзитети во светот и доколку продолжи со истото темпо, наредната или годината по неа, сосема ќе исчезне и од оваа листа.

Мета.мк во текот на годинава објави интервју со поранешната претседателка на УСС УКИМ, Ева Цветковска, но и со актуелниот претседател Славчо Темелковски во кои зборувавме за предизвиците и проблемите на студентите. Студентската правобранителка на УКИМ, пак, објасни како студентите на овој универзитет можат да пријавуваат повреди на нивните студентски права.

Останува најавата за отворање на Студентскиот културен центар, а за догодина државата најави продолжување на изградбата на зградите на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, како и реконструкција на сите државни студентски домови.

Мета.мк продолжува активно да ги следи случувањата поврзани со студентскиот стандард и високото образование. Впрочем, дел од барањата кои студентите ги упатија за време на протестите и маршот во ноември, потекнуваа од прашања и теми кои ги поттикна и за кои активно пишуваше токму новинската агенција Мета.мк.