„Ретро: телесни перспективи“ – изложба за премолчените телесни аспекти на жената утре во МСУ

Фото: Јана Јакимовска

Мултимедијалната изложба „Ретро: телесни перспективи“ од уметницата Јана Јакимовска ќе биде отворена утре во 20 часот во Музејот на современа уметност (МСУ) – Скопје.

„Ретро: телесни ретроспективи“ е поглед фрлен наназад кон самата себе како човечко суштество, општествено битие, жена, мајка, уметница. Во фокусот на изложбата е телото, но како метафора за човечкото, профаното, нелагодното: телото старее, се дебелее; телото копулира, раѓа; телото крвари, умира; телото треба да се покрие, да се казни. Каде е границата меѓу мене и моето тело? Што е јас, а што телото? Ретро не претендира да биде ретроспективна изложба бидејќи не е – таа само рециклира и реконтекстуализира некои веќе видени концепти, во обид да одговори на овие прашања“, истакнува авторката.

Изложбата „Ретро: телесни ретроспективи“ од Јакимовска, инаку, беше дел и од минатогодишното издание на Галичката ликовна колонија.

“Alt R”(2021), Јана Јакимовска, фото: Мета.мк

Ова е 21-та самостојна изложба на Јакимовска и ќе биде отворена до 5 октомври.

Куратор е Ана Франговска, која пишува дека Јакимовска речиси сиот свој визуелен опус од изминатите 20 години го посветува кон третирање на разновидни проблеми поврзани со родовата еднаквост и социјалната инклузија на жената во „современото“ и „демократско“ општество.

„Кај нас, феминизмот во ликовната уметност може да се проследи низ неколку индивидуални ликовни ангажмани кои пристапуваат кон актуелните проблеми со разновидни методолигии и неологизми“, нагласува Франговска.

Јана Јакимовска магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Освен со сликање се занимава и со дигитална уметност, мурално сликарство, фотографија, инсталации, графички дизајн, илустрација и перформанс. Досега учествувала на преку 80 изложби во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија. Во моментов е вонреден професор на Ликовната академија на Универзитет Гоце Делчев во Штип.