Решенијата за изолација поради ковид-19 ќе се објавуваат на веб-страницата на ДСЗИ

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Решенијата за лицата кои треба да бидат во изолација поради ковид-19 да се објавуваат на веб страницата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и дополнително во „Службен весник“ во најбрз можен рок, одлучи Владата на вчерашната седница.

Надлежните уверуваат дека притоа нема да бидат објавувани личните податоци на граѓаните, односно целосно ќе бидат запазени стандардите дефинирани со Законот за заштита на личните податоци.

„Оваа измена се воведува поради зголемениот број граѓани за кои се определува мерката изолација и поради намалениот број денови за изолација, а со цел брз проток на информациите, намалување на временската разлика меѓу моментот кога е констатирана потребата од изолација, издавањето на решението за изолација и неговото објавување. Со новата методологија се намалуваат можностите за злоупотреба во периодот додека не се објави решението, а со тоа се намалуваат и ризиците од дополнителен број случаи позитивни на ковид-19“, информираа од владината прес-служба.

Оттаму додадоа дека за овој начин на доставување на решенијата, граѓаните ќе бидат претходно известени преку телефонскиот број оставен во установата каде било извршено тестирањето, а ќе постои можност да биде издадена потврда дека е издадена јавна објава за изолација, на писмено барање на граѓаните.

„Потврда за објавено решение за самоизолација може да биде издадена и за потребите на Основното јавно обвинителство или друг јавен орган со надлежност за увид во решенијата за изолација“, известија од прес-службата на Влада.