Ретки се самостојните државни органи кои на своите веб-страници редовно објавуваат годишни планови за јавни набавки, тендери, склучени договори и активни линкови до Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), а согласно последните препораки на Владата за зголемување на транспаретноста во овој домен.

Наодите од истражувањето на „Мета.мк“ во однос на тоа колку државните органи ги почитуваат препораките на Владата покажуваат дека дури и оние што решаваат за жалбите по јавни набавки и кои треба да алармираат за евентуални коруптивни активности, подзабравиле на транспаретноста при набавките.

Во првите два дела од истражувањето „Мета.мк“ пишуваше колку министерствата   и општините  ја почитуваат наредбата, односно препораката на Владата.

Државната комисија за жалби по јавни набавки на својата веб-страница нема објавено план за јавни набавки за 2019 година, нема активен линк до ЕСЈН, ниту се објавени распишани тендери и склучени договори. На веб-страницата на Централниот регистар нема објавено план за јавни набавки за 2019 година, нема активен линк до ЕСЈН, ниту се објавуваат распишаните тендери и склучените договори.

Државниот завод за ревизија на својата веб-страница има посебен дел за јавни набавки, но последниот годишен план за јавни набавки е за 2018, а од минатата година се и последните објавени тендери што укажува на нередовно ажурирање на податоците.

Државната изборна комисија на својата веб-страница има посебен таб за јавни набавки каде е објавен планот за јавни набавки за изборите за претседател на државата во 2019 година. На веб-страницата нема активен линк до ЕСЈН и не се објавени распишаните тендери и склучените договори. На веб-страницата на Агенцијата за администрација има посебен дел за јавни набавки каде е објавен планот за јавни набавки во 2019 година, како и активни линкови до ЕСЈН каде се објавени распишаните тендери и склучените договори за јавни набавки.

Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен на својата веб-страница има објавено план за јавни набавки за 2019 година, но не може да се најде активен линк до ЕСЈН, ниту се објавени распишаните тендери и склучените договори.

Државната комисија за спречување на корупцијата на својата веб-страница има посебен дел за јавни набавки, објавен е годишен план и измени на годишниот план за јавни набавки за 2019 година и се објавуваат јавните повици, но нема активен линк до ЕСЈН и не може да се најдат склучените договори по распишаните тендери.

На веб-страницата на  Дирекцијата за заштита на личните податоци има посебен таб за јавни набавки, но последните објави на годишниот план и на тендерите се од 2018 година. На веб-страницата нема активен линк до ЕСЈН.

Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка нема веб-страницата.

На веб-страницата на Комисијата за заштита на конкуренцијата нема посебен дел за јавни набавки, нема објавено годишен план за јавни набавки, не се објавуват распишаните тендери и склучените договори.

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на својата веб-страница има посебен таб за јавни набавки каде е објавен планот за јавни набавки во 2019 година, но последните објавени тендери се од 2018 година и нема објава на склучените договори, ниту активен линк до ЕСЈН.