Денеска, во Хелсинки, во рамки на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија и земјите-кандидати за членство во ЕУ, министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров и министерот за надворешни работи на Република Кипар, Никос Христодулидис, го потпишаа Протоколот за воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји, информираат од МНР.

„Со овој чин, го официјализираме пријателството со уште еден сојузник во семејството европски држави, со кој активно ќе соработуваме на исполнување на европската агенда. Денес означуваме ново поглавје во билатералните односи и отвораме врата за плодна соработка, пријателство и просперитет,“, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Од МНР додаваат дека „со воспоставувањето на дипломатските односи, се отвораат можностите за развој на политичкиот дијалог на сите нивоа и продлабочување на економската, културната и сите други видови на соработка меѓу двете земји“.