Репрогласувањето на Националниот парк „Маврово“ никако да мрдне од мртва точка. Откако Студијата за ревалоризација беше дополнета и усвоена во декември 2023 година, после десетина години од нејзината првична верзија, процесот е заглавен пред почетокот на изработка на предлог-законот. Од Министерството за животна средина велат дека новото раководство на паркот бара ревизија на Студијата бидејќи има забелешки на опфатот на зоната на строга заштита. Се бара прво да се направи Социо-економска студија која ќе ги разработи можностите за локалното население, пред да се репрогласи паркот. Новите барања повторно ќе го одолговлечат процесот, на кој се чека повеќе од две децении. Во меѓувреме, домот на балканскиот рис и многу други загрозени видови стана дом на десетици мали хидроцентрали, а

Според најновата Студија, повеќе од половина од површината на Националниот парк „Маврово“ треба да биде зона на строга заштита и активно управување, а остатокот зона на одржливо користење и тампон зона. Тоа требаше да биде зголемување за над 20 отсто на најстрого заштитените делови на паркот, во споредба со истиот документ што беше изработен во 2012 година. Студијата утврди и нови надворешни граници на националниот парк, со кои неговата површина се зголемува за над 1.000 хектари.

Министерот за животна средина Муамет Хоџа вели дека Министерството е во преговори со раководството на националниот парк за да продолжи постапката која застана во 2024 година. Освен изработката на предлог-законот за репрогласување, не започна ниту подготовката на Планот за управување, со кој требаше да се прави и Социо-економската студија, а во меѓувреме фондацијата Глобална конзервација се откажа од финансирање и си ги повлече парите, затоа што немаше прогрес во постапката за прогласување.

Директорот на Управата за животна средина, Игор Никоски вели дека со ова раководство имаат разлики во делот што треба да биде опфатен како зона на строга заштита на националниот парк „Маврово“, која, според најновата Студија е околу 26 отсто од територијата на паркот.

„Фактот дека Маврово долги години не е репрогласен како национален парк е минус за нашата држава, а особено за населението и за природата на паркот. Репрогласувањето ќе значи и донесување на План за управување, можности за донации и инвестиции и можности за развој. Студијата за ревалоризација е направена од претходното раководство на паркот, но со сегашното раководство се појавија разлики во поглед на тоа што е определено како зона на строга заштита. Во моментов се бара решение како да се продолжи постапката“, вели Никоски.

Тој вели дека во наредниот период ќе треба да се одржат јавни расправи со локалното население и локалните власти на кои ќе треба да се видат нивните ставови и забелешки за зонирањето кое го предвидува студијата. Никоски вели дека проблематичното подрачје е многу мал процент и дека е оптимист дека брзо ќе се надминат разликите и процесот ќе продолжи.

Директорот на Националниот парк „Маврово“, Харис Ибраими вели дека инсистираат да се изработи Социо-економска студија за да може да се предвидат сите потреби за нормално функционирање на населението кое живее во рамките на паркот, пред да се усвои голема површина како зона на строга заштита во која нема да смеат ниту да се движат, а не пак да работат.

„Зона на строга заштита значи дека луѓето кои живеат во паркот ќе мора да се пријавуваат кај ренџерите доколку сакаат да се движат таму. Нема да можат да ги користат ливадите за напасување на стоката, ниту пак да преземаат било какви активности. Доколку се случи тоа, од овие 25 отсто население што е останато, нема да се задржат ниту 10 отсто“, вели Ибраими.

Тој смета дека студијата треба да се работи врз основа на предлозите на населението за што треба да се направат средби на кои ќе се слушнат нивните барања. Очекува да се посочат точките каде што ќе може да се развива земјоделството, сточарството, туризмот и тоа да се земе во предвид пред да се забранат сите активности. Проблематични се неколку точки, најчесто околу селата, но Ибраими вели дека треба да се размисли и за површината на зоните на заштита околу ендемичните видови, кои смета дека се многу големи.

Репрогласувањето на Маврово, врз основа на законот за природа донесен во 2004 година е закочено со години. Студија за валоризација на заштитеното подрачје беше изработена и во 2012 година, но процесот на репрогласување беше запрен заради реакции на јавноста во врска со планираните изградби на енергетски објекти во заштитените зони.

Процесот продолжи во 2023 година, кога студијата Студијата беше надополнета за што се спроведоа и научни истражувања. Тие потврдија присуство на 14 единки на балканскиот рис, 130 мечки, стабилна популација на волци, како и една од најголемите популации на пеперутката бакарец, загрозен вид кој се наоѓа на црвените листи под строга заштита. Националниот парк има најголема популација на диви кози и стабилна популација на срна, најважни за исхраната на загрозениот рис. Според податоците од Студијата, во националниот парк во изминативе десетина години се зголемила и површината под шуми од 30.600 на 36.200 хектари, како и количината на дрвна резерва. Тука се наоѓа и најголемата природна популација на див костен со голем број на столетни дрвја.