fbpx

„Репортери без граници“ бараат заштита на медиумите за време на пандемијата

-

„Репортери без граници“ (РСФ) ги повикаа националните и европските институции да ги заштитат медиумите додека ја исполнуваат својата јавна мисија во ризичните услови на пандемијата Ковид-19, кога новинарите стануваат колатерални жртви на напади од различни непријатели на слободата на печатот – вклучително и некои влади, кои, како што се посочува, ја користат вонредната ситуација за да се пресметаат со нивните критичари.

РСФ во своето соопштение го наведува примерот со српската новинарка Ана Лалиќ, која пишуваше за недостиг на заштитна опрема за здравствените работници во болницата во Нови Сад и притоа беше приведена и ѝ беа одземени нејзиниот лап топ и службен телефон. Лалиќ одби да ги открие нејзините извори на информирање, па РСФ наведува дека нивниот идентитет би можел да биде откриен од одземената опрема за работа. Репортери без граници потсетуваат дека следното утро новинарката беше ослободена, откако премиерката Ана Брнабиќ ја повлече одлуката на Владата за тоа дека само кризниот штаб може да дава информации за коронавирусот. Сепак, Лалиќ сè уште може да добие до пет години затвор и парична казна.

Овој случај РСФ го толкува како пример од еден „поширок тренд на Балканот и на истокот на Европската унија, како, како што се посочува во извештајот, репресивните закони за борба против Ковид-19 се користат за да се сузбие слободата на печатот.

Во меѓувреме, во Северна Македонија, истражувачката новинарска платформа ИРЛ се соочи со закани откако објави извештај насловен „Пандемско профитерство или грижа за заедницата: Другата страна на приказната за Ковид-19 тестовите“. „Аџибадем Систина“, болницата поврзана со олигархот Орце Камчев ги навредуваше новинарите и побара повлекување на текстот, наведуваат Репортери без граници.

РСФ, исто така, потсетува дека унгарската Влада на неодреден период ги зголеми овластувањата на премиерот Виктор Орбан. Унгарскиот Закон за вонредна ситуација поради коронавирусот воведува казни до пет години затвор за ширење лажни вести, додека, во пракса, Владата одлучува што е точно. Тоа уследи по усогласените напади и закани против независните медиуми, обвинети за дезинформација, иако тие известуваа за Ковид-19 поодговорно од провладините медиуми.

РСФ наведува дека и Владата во Полска донела остри закони, па по обвинување за прекршување на санитарните правила, независниот новинар Влоѓимерж Циека минал два часа во полициска станица затоа што снимал протест на четири лица пред куќата на претседателот на владејачката партија. Протестот беше поради одлуката да не се одложат претседателските избори на 10 мај, со цел да се обезбеди победа на актуелниот претседател Анджеј Дуда. Одбивајќи одложување на изборите поради коронавирусот, владејачката партија усвои закон со кој се овозможува гласање по пошта, предизвикувајќи стравување кај опозицијата и невладините организации дека Уставот, демократијата и независноста на медиумите се компромитирани.

Во Бугарија, која, како што потсетува РСФ, е најлошо рангирана земја во ЕУ според Индексот за слобода на медиуми и се наоѓа на 111. место во светот, Владата усвои закон со кој се казнува ширењето лажни вести со затвор до три години и казна од 5.000 евра. Подоцна претседателот стави вето на законот.

Во Романија, со неодамнешниот претседателски декрет и владини правила, се дозволува произволно блокирање на медиумски сајтови. Обвинети за ширење лажни вести, досега се затворени два портали, одлуки против кои нема правен лек.

Во Република Српска, во БиХ со новиот декрет се овозможува казнување за  ширење лажни вести.

Во Словенија, Владата на Јанез Јанша, сојузник на унгарскиот претседател Виктор Орбан, се вклучи во отворена кампања против новинарите веднаш по преземањето на власта во средината на март. РСФ посочува дека веднаш следувале кибер вознемирувања, па дури и физички напади врз новинари.

Истражувачкиот новинар од Радио Слободна Европа, Блаж Згага, се соочил со голем број онлајн закани, вклучувајќи и повици да биде убиен, откако испратил барање за слободен пристап до информации до Кризниот штабза Ковид-19. Наместо да одговори на барањето, Кризниот штаб на Твитер ги нарече Згага, интелектуалецот Славој Жижек и уште две критички настроени лица, „психијатриски пациенти кои избегале од карантин“. Провладините медиуми објавија написи во сличен контекст.

Репортери без граници потсетува дека Јанша вербално го нападнал јавниот сервис РТВ Словенија, чии новинари го критикувале можното зголемување на платите на министрите. Тој ги обвини за „ширење лаги“ и дека се „преплатени“ и им се закани дека ќе го намали финансирањето на таа медиумска куќа.

РСФ го наведе и примерот на албанскиот премиер Еди Рама, кој преку операторот Водафон испрати порака до граѓаните. „Мијте ги рацете, не излегувајте од домовите заради задоволство, отворете ги прозорците колку сакате и заштитете се од медиумите“.

„Ова е само уште една мрачна илустрација на фактот дека додека новинарите придонесуваат за борба против Ковид-19, тие самите стануваат колатерални жртви, соочувајќи се со напади од различни непријатели на слободата на печатот – вклучително, за жал, и некои влади – кои ја искористуваат ситуацијата за гонење на нивните нивните критичари“, заклучува организацијата Репортери без граници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОНХЦР: Застрашени сме од гробниците околу болниците во Газа

Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации (ОНХЦР) Волкер Турк изјави дека е „застрашен“ од гробниците во Газа, пренесува Би-би-си. Во трите гробници кај болниците Насер и Ал-Шифа беа...