Фото: Engin Akyurt from Pixabay

На историско високо ниво е бројот на новинари што се наоѓаат во затвор, објави „Репортери без граници“. На крајот од 2020 година, 387 новинари се наоѓаат во затвор низ светот, што е за само 2 помалку во споредба со периодот од пред 12 месеци. Дури 61 отсто од нив, се наоѓаат зад решетки во една од следниве пет земји: Кина, Египет, Саудиска Арабија, Виетнам и Сирија, истакнуваат од „Репортери без граници“ во објавената најава за нивниот Годишен извештај на оваа тема.

Бројот на новинарки што се наоѓаат во затвор годинава се зголемил за 35 отсто, од 31 лани на 42 новинарки на крајот од 2020 година. Дури четири од новите случаи на жени-новинари во затвор годинава се во Белорусија.

За време на првите три месеци од ширењето на ковид-19 пандемијата во светот, имало зголемување на арбитрарните, самоволни апсења на новинари. Дури 35 отсто од прекршувањата на слободата на печатот спаѓаат во ставката „арбитрарни апсења“, почнувајќи од февруари до крајот на ноември 2020 година. „Репортери без граници“ велат дека при најголем дел од арбитрарните апсења, новинарите биле задржани зад решетки неколку часа, додека 14 новинари кои биле уапсени за нивното покривање на пандемијата до крајот на годинава се држат во казнено-поправните установи.

Загрижувачки се и податоците за бројот на новинари кои во моментов се држат како заложници низ светот. Најмалку 54 новинари се држат како заложници на крајот од 2020 година, и тоа во Сирија, Ирак и Јемен.

„Репортери без граници“ на 29 декември ќе го објави интегрално Годишниот извештај за бројот на убиени новинари во 2020 година.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.