Новата онлајн платформа „Иницијатива за новинарска доверба“ денеска беше отворена од организацијата „Репортери без граници“, која што ќе им овозможи на медиумите ширум светот да ја проверат, претстават и промовираат усогласеноста на нивните уредувачки процеси во согласност со најдобрите практики. Во нивното соопштение се наведува дека платформата претставува радикален и иновативен чекор напред во борбата против дезинформациите.

Он-лајн платформата е заснована на список од развиени критериуми, при што им овозможува на медиумите преку трите поминати фази да се стекнат со ознаката JTI. Во првата фаза, медиумот е поканет да изврши самооценување преку он-лајн апликацијата, којшто подразбира внатрешна проверка на сообразноста со JTI стандардот. Во втората фаза, резултатите од самооценувањето овие медиуми ќе ги објават во форма на извештај за транспарентност. Последната фаза е надворешна ревизија која вклучува независна проценка од страна на лиценцирано тело за сертификација.

На денешното отворање на он-лајн платформата му претходеше пилот фазата, во која учествуваа скоро 50 медиуми што го тестираа инструментот, меѓу кои Шпигел, Француската телевизија, ЦБЦ/Радио Канада и други медиумски куќи. Оваа платформа е кофинансирана од Европската Комисија и Крег Њумарк филантропи, а „Репортери без граници“ се надеваат дека истата ќе биде од полза за јавноста, огласувачите, регулаторите и други трети страни, но и на медиумите кои не ги исполниле критериумите од трите фази а се стремат кон тоа.

Доделувањето на JTI стандардот е засновано на збир од професионални критериуми што се развиени во соработка со повеќе од 130 организации и медиумски работници, академици, регулатори, саморегулаторни тела и технолошки компании.